Над 28.000 навивачи пееја божиќни песни на стадионот во Берлин


Повеќе од 28.000 навивачи на германскиот клуб Унион Берлин се собраа на стадионот „Алте Ферстереј“ за да го прослават почетокот на празничната сезона пеејќи заедно божикни песни.

Традиционалниот настан се одржа синоќа во Берлин и уште еднаш ја потврди силната врска меѓу клубот и неговите навивачи.

Трибините беа полни со навивачи кои, со своите шалови „Eisern Union“ и кренати свеќи, создадоа уникатна атмосфера.

 

Организаторите обезбедија свеќи за навивачите, додека мирисите на греано вино и традиционални германски колбаси се ширеа низ целиот стадион.

Многу навивачи рекоа дека дошле првенствено поради чувството на заедништво и топлина што овој настан го носи година по година.

Според присутните, божикните песни на стадионот на Унион се одржуваат веќе 23 години и станале дел од идентитетот на клубот.

Навивачи со божикни капи, семејства и пријатели од сите генерации можеа да се видат во публиката.

Вечерта заврши со громогласно скандирање „Eisern Union“ (Ајзерн Унион), со кое навивачите симболично го најавија доаѓањето на Божик.