Над 1,8 милијарда лица живеат во области со ризик од поплави


 Ризиците од поплави се зголемуваат поради климатските промени и човечките интервенции, според Извештајот за светски ризици објавен денеска.

Минатата година имаше вкупно 142 катастрофи предизвикани од поплави, што го прави втор најчест предизвикувач на катастрофи по бурите.

Шпанскиот регион Валенсија беше особено погоден во октомври 2024 година, кога повеќе од 220 луѓе ги загубија животите по обилни дождови и поплави.

Повеќе од 1,8 милијарди луѓе ширум светот живеат во области со значителен ризик од поплави, се наведува во извештајот.

Последиците од природните катастрофи се влошуваат од климатските промени, урбаната експанзија и уништувањето на животната средина, според авторите од Институтот за меѓународно право за мир и вооружени конфликти (ИФХВ) на Универзитетот Рур во Бохум во Германија и чадор-организацијата Alliance Development Works, која опфаќа 11 организации за помош за развој.

-Глобалните фактори на ризик вклучуваат социјална нееднаквост, структурна ранливост и слаби здравствени системи, се наведува во извештајот. Ова важи дури и за богатите земји, на пример, кога се прават заштеди во клучните општествени сектори.

Превенцијата може да ублажи многу последици, напишаа авторите. Клучот е да се има добра подготвеност пред да почне да врне, што значи дека системите за предупредување функционираат, може да се пристапи до засолништа, луѓето во населбите се обучени и организирани и се обезбедени услови за тоа каде да се насочи водата.

Тие предлагаат мерки кои вклучуваат подобрување на системите за рано предупредување, вклучување на традиционалното знаење во предвидувањето на поплавите.

Авторите, исто така, составија индекс на ризик, кој покажа дека ниедна земја во светот не е толку ранлива на разорните последици од природна катастрофа како Филипините. Како и во претходната година, Индија, Индонезија, Колумбија, Мексико, Мјанмар, Мозамбик и Русија се исто така изложени на висок ризик.