Над 100 милиони евра отидоа, нефункционални апарати останаа низ болниците (2)


Не е јасно по кои критериуми се одлучувало која здравствена установа ќе добие апарат и каков. Ургентниот клинички центар, најголем во државата, кој ги згрижува итните случаи, од големите набавки нема добиено ништо

Билјана Богдановска

Набавката на акцелераторот за ГОБ „8 септември“ од декември 2015 година, ја следеа сомнежи од почетокот: дека МЗ ја распишало постапката и изработило тендерска документација   со   која   се   фаворизирал   еден   економски   оператор.   Прво   е   избрана фирмата „Медиаимпекс“ од Сараево, а потоа е елиминирана со образложение дека немала референтна листа. Притоа, Министерството за здравство добило стручно мислење од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, согласно кое понудениот акцелератор на првично избраниот, а подоцна  елиминиран економски  оператор, во  однос  на финалниот резултат е компатибилен со бараниот од страна на МЗ.

„Медиаимпекс“ поднела тужба пред Управниот суд, но била одбиена како неоснована.

Во ГОБ„Осми Септември“ се финализира инсталацијата на нов линеарен акцелератор

Тоа е акцелератор што во овој момент не може да се стави ниту во еден од постојните два слободни бункери. За изградба на бункер требаше да се одвојат околу 60 милиони денари, а за 90 милиони денари можевме да набавиме нов. Со тоа што сега би набавиле нов, многу пософистициран апарат. Тоа што сега ќе го направиме е да набавиме нов којшто ќе го поставиме во постојниот бункер за да не градиме нов бункер, а тој што е во кутија ќе го искористиме за замена на еден од трите коишто се многу стари. Не го менуваме сега поради тоа што ако еден се стави во функција ќе се зголеми листата на чекање“, појасни Филипче за потребите на нашето истражување.

Според нашите извори, сумата што се плаќала за месечна кирија за чување на акцелераторот била 25.000 денари.

За тоа што се случува со овој акцелератор го прашавме и директорот на Клиниката за онкологија, д-р Нино Васев.

Д-р Нино Васев: Тоа е нов апарат, но сигурно не може доживотно да стои

Знаете дека од претходната власт имаме оставено нов апарат од производителот Вариан во магацин, што треба да се смести некаде. Значи да се направи бункер, да се овозможат услови за него. Под гаранција беше, ќе ја екстендираат гаранцијата. Јас ова не го знаев, мене глава ме фати… Тоа е нов апарат, но сигурно не може бесконечно да стои“, вели Васев.

Овој проблем се спомнува и во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија за усогласеност за 2017 година на Министерството за здравство, што Државниот завод за ревизија го објави во мај 2019 година, „Со оглед на тоа дека опремата уште не е пуштена во употреба поради доцнење во изградбата на бункерот во кој треба да биде сместена, а гарантниот рок ќе истече во текот на 2019 година, појавата на можни дефекти по пуштањето во употреба на опремата по истекот на рокот од три години, нема да бидат покриени со гаранцијата и евентуалното сервисирање ќе мора да биде покриено со средства од буџетот на МЗ, со што цената на чинење на набавената опрема дополнително ќе се зголеми.“, констатирал ревизорот.

Акцелераторот се користи за терапија на пациентите со канцер. Тој овозможува максимална прецизност во планирање и изведување третмани, имајќи предвид дека насочувањето на третманскиот зрак се врши со рубини, додека кај сите останати апарати се врши со огледала. Годишно, во Северна Македонија се регистрираат по 5.100 – 5.200 нови пациенти со малигни заболувања.

Во Ургентниот центар, кој годишно згрижува по 35.000-40.000 пациенти, нема ништо од големите набавки што се правеа

По кои критериуми се одлучувало која здравствена установа ќе добие апарат, каков и кој имал приоритет? Ургентниот клинички центар, најголем во државата кој ги згрижува итните случаи, од големите набавки нема добиени ништо, ни изјави д-р Алберт Леши, раководител на Ургентниот центар.

 

За жал, кај нас нема ништо од тие големи набавки што се правеа. Немаше ни компјутери ни монитори. Имаше еден компјутерски томограф, но и тој беше донација. Во почеток функционираше, но технологијата е веќе застарена, рендгенолозите не се нафаќаат да работат на него. Ако работи, на него може да се снимаат по 100 – 120 пациенти, колку што дневно згрижуваме. Во меѓувреме, во последните три години набавивме некои неопходни апарати. Сега побаравме компјутерски томограф и комплетна опрема за операциона сала“, вели д-р Леши.

Ургентниот центар на скопските клиники годишно има по 35.000 – 40.000 пациенти.

Во општите болници низ државата биле носени апарати кои не им вршеле работа на докторите. Во кумановската болница, тоа се случило со апарат за анестезија, набавен во 2010 година.

Апаратот за анестезија Siare не е користен никогаш. Ист апарат претходно добија Клиниката за максилофацијална хирургија и Општа болница Кочани. Заради негативните искуства, при работењето со овие машини, тие беа повлечени од операционите сали како небезбедни за пациентите, без можност со сервисирање да се подобри безбедноста за нивно користење“, се вели во одговорот што го добивме од Општата болница Куманово.

Тука била донесена и машината за автоматско миење и дезинфекција на флексибилни ендоскопи од фирмата „Соникс“, набавена во 2015 година. Не била пуштена во употреба поради проблем со цревата за довод и одвод на вода, потврдија од болницата во одговорот до нас.

Рентгенолозите не се нафаќаат да работат на овој компјутерски томограф – а и тој е од донација

Неискористени и неупотребени апарати има и во општата болница во Охрид. Кај ултразвучен гинеколошки 4Д ехо апарат, набавен во 2013 година, 4Д ехото не работело уште во моментот кога апаратот бил ставен во употреба, така што оттогаш досега работи само 3Д апаратот. Инкубатор за недоносени новороденчиња, со пациент монитор, поради неисправност на одредени сензори не е ставен во функција од кога е донесен, стои во дописот што го добивме од ЈЗУ Општа болница –Охрид.

Во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид не е во функција парен стерилизатор Top Getinge, набавен 2009 година, поради чести поправки. Апарати за компјутерска томографија и за РТГ дијагностика набавени во 2015 година, а ставени во функција во мај 2017 поради „изведување реконструктивни работи“ во делот каде требало да се постават.

Во Општата болница во Битола во мај 2017 година влегоа истражители од СЈО кои бараа документи за групна набавка на рендген-апарати направена преку Министерството за здравство, во случајот поврзан со набавките преку фирмата „Висарис“ на Ивона Талевска.

Имаше информации дека и во „Св. Еразмо“ има дел од спорната опрема од „Висарис“, но оттаму велат дека таква опрема кај нив не е пристигната.

Фирмата Висарис покрена постапка против потписниците на рамковната спогодба за набавка на апаратите, меѓу кои и ЈЗУ Св. Еразмо– Охрид. На 26.06.2019 година е донесена пресуда со која таа се одбива како неоснована“, ни одговорија од „Св.Еразмо“.

Пред точно две години, меѓу седум нови истраги за корупција и кривични дела сторени од страна на поранешни владини функционери, СЈО го објави и случајот „Рендген“. Имено, СЈО покрена истрага за набавка на четири рендген апарати од страна на министерот за здравство Никола Тодоров во 2012 година, при што е осомничен дека ја злоупотребил службената положба и како министер фаворизирал компанија за милионски бизнис за набавка на рендген апарати. По обелоденувањето на овој случај во јавноста, Тодоров го поништи договорот со „Висарис“, но според СЈО, тој спротивно на Законот за јавни набавки склучил договор со второрангираната фирма, иако требало во целост да ја поништи набавката. За овој случај, според СЈО, направената штета врз буџетот изнесува 860 илјади евра. Разврска или казна засега нема и за овој случај, оти предметот уште се работи.

Предметот Рендген, како и останатите, беше преземен од ОЈО. Тој е во фаза на истрага и во наредниот период ќе биде продолжена истрагата. Предметот повторно ми е доделен мене и ќе продолжиме со истрагата“, ни изјави поранешната специјална обвинителка Елизабета Јосифовска, која го водеше случајот.

Кога беше во опозиција СДСМ обвинуваше дека цените на медицинските апарати што ги набавува тогашната влада се од 60 отсто до 100 отсто повиски од реалните.

Во првиот пакет на медицинска опрема, тежок 68 милиони евра, што го промовираше владата, има разлика од 28 милиони евра од првичните ветувања на Груевски. Во чии џебови ќе завршат овие 28 милиони евра разлика во цените? Доволни ли се овие 28 милиони евра за да ги задоволат личните и партиските апетити, праша тогашниот портпарол на партијата, Емилијан Станковиќ. Како примери ги посочи: кардиоангиограф набавен по цена од 820 илјади евра вреди двојно поевтино, 450 илјади евра; магнетна резонанца набавена по цена од еден милион и 380 илјади евра, а вреди 790 илјади евра, како и сомнеж дека линераниот акцелератор е набавен по цена двојно повисока од нормалната.

Владимир Лазаревик, претседател на „Хелтгрупер“, меѓународен проект за размена на информации од здравството вели дека набавката на опрема во Северна Македонија била и останала крајно централизирана и таа централизираност носи своја цена. Според него, болниците сѐ уште немаат пари, а веројатно ниту идеја сами нешто да набават од опрема и чекаат на Владата и на Министерството за здравство.

Го прашавме, кои критериуми се најважни при набавките на опрема и каде во таа процедура се најголеми можностите за коруптивни активности?

Има толку многу фирми и опции што тоа навистина не е лесна задача. Кај нас верувам дека најважен криериум е кој повеќе ќе ги инспирира тие кои плаќаат’. Оставам на вас да интерпретирате што инспирацијата би требало да значи. Како и да е, сѐ додека набавките се одвиваат на централно ниво и додека болниците немаат нов систем на управување целосно децентрализирано, со инволвирање на локалните заедници, бизниси, и слично, проблемите ќе постојат, изјави Лазаревик.

Илустрација: Медицински апарати низ ходниците на клиниките

Според новинарката Менче Точи од кога изби скадалот со тендерот за реагенси јасно е дека и актулната власт оди по „лизгав терен“.

Иако во агендата на СДСМ немаше најава за јавно приватно партнерство, одеднаш тоа стана приоритет на сегашниот министер за здравство. Нема план или некоја стратегија за набавка, односно не кажале дека има такво нешто. И анализите или физибилити студиите за одредени проекти не се објавуваат јавно. Недостасува транспарентност. Големи тендери за медицинска опрема нема во најава, ама затоа тука е јавно приватно партнерство за стерилизацијата, на пример, еден голем проект во кој ќе се набавува и опрема за стерилизација и возила, ќе се прави и реорганизација. Преголем залак, кој во соседна Албанија се покажа за неуспешен, прескап проект“, вели Точи.

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнас тинк“ во февруари 2018 година објави Студија насловена „Ефекти од државните инвестии во јавно здравство 2010-2016“ http://www.financethink.mk/mk/publikacii/studii-za-politikite/. Врз основа на економски и здравствени параметри, во неа се препорачува пред да се пристапи кон нова набавка на опрема, дополнително на донесената одлука заснована на фармакоекономска анализа, потребно е да се осигури дека се исполнети сите предуслови и во однос на просторот и во однос на обезбедување и едукација на кадар за да се стави во употреба веднаш по испораката.

Направени се 43 споредбени анализи со другите европски земји кои укажуваат дека нашиот здравствен систем и понатаму има потреба од континуирана набавка на крупна дијагностичка опрема како компјутерска томографија и магнетна резонанца. Меѓутоа, пред да се реши за нов циклус инвестиции од ваков вид, треба да се направи претходна подетална анализа во однос на степенот на искористеност на веќе постојната опрема и нејзина рационална употреба, пишува во студијата.

(Вториот од серијата од два текста)

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија. Текстот првично е објавен од Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“