Бучавата од кафеаните не стигнува до ушите на надлежните. Герасимовски допрва ќе ги прави податоците достапни онлајн
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со својот тим и дел од советниците, вечерва ги ислуша барањата на жителите кои излегоа на собир во Капиштец за да го изразат своето незадоволство од прегласната музика од угостителските објекти и нарушениот јавен ред и мир во населбата, информираат од локалната самоуправа.
-Континуирано се справуваме со проблемот со прегласната музика во Капиштец. Покренавме и иницијатива со жителите кои се потпишаа на истата и побаравме сите надлежни институции и ресорни министерства активно да се вклучат во решавањето на проблемот, бидејќи станува збор за прашање кое е во надлежност на повеќе институции, а не само на локалната самоуправа. За жал, иако имавме многубројни координативни средби, на терен не добивме соодветна поддршка- истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека Општина Центар во рамки на своите надлежности редовно спроведува контроли и изрекува санкции, а на повеќе локации низ општината се поставени дигитални мерачи за бучава.
-Апликацијата наскоро ќе биде достапна онлајн и секој граѓанин ќе може да ја следи бучавата на клучните точки во општината, вклучително и во Капиштец. Еден од мерачите е поставен во близина на угостителски објект на улицата „Народен фронт“. Податоците ќе бидат јавно достапни преку ГИС-платформата и веб-страницата на Општина Центар- рече Герасимовски.
Жителите побараа засилено присуство на полицијата во населбата, посочувајќи дека во ноќните часови се нарушуваат редот и мирот во околината на угостителските објекти. Тие укажаа и на узурпација на јавните површини, како и на несоодветно однесување на дел од посетителите во алкохолизирана состојба.