Усвоени измените за игрите на среќа, казината мора да бидат 500 метри подалеку од училиштата


 

Собранието вечерва со 59 гласа „За“ и 9 гласа „против“ ги усвои измените во Законот за игри на среќа, со кои казината повеќе не смеат да се лоцирани поблиску од 500 метри од училиштата.

Со новите прописи се забрануваа рекламирањето на излозите на коцкарниците, како и рекламите со кои коцкањето се претставува како начин за постигнување личен успех или за брза заработка.

Со законските измени секој апарат ќе мора да има задолжителен систем за локација, односно GPS, со цел тековна контрола од страна на Управата за јавни приходи. Исто така, лиценците нема да можат да се мултиплицираат, а се воведуваат и нови финансиски давачки за отворање на уплатно-исплатни места.

Со овие измени, според власта, треба да се обезбеди поголема контрола врз секторот, намалување на ризиците од злоупотреби и поголема заштита на младите од влијанието на игрите на среќа.