Над 100 милиони евра отидоа, нефункционални апарати останаа низ болниците (1)


Акцелераторот за онколошки пациенти, кој стоеше во магацин, не може да се стави ниту во еден од постојните два слободни бункери. Сега ќе се купува нов

Билјана Богдановска

Вкупно 199 медицински апарати во 74 јавни здравствени установи добиле епитет „нефункционални“ во април 2015 година, кога тогашното Министерство за здравство пратило информација до Владата за состојбата со опремата низ болниците. Станува збор за апарати набавени и инсталирани од 1 јануари 2006 до април 2015 година – најголем дел од нив во рамки на големите набавки што ги правеше претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е прва таква детална листа за состојбата со медицинските апарати до која дојдовме преку Барање за пристап до информации од јавен карактер. Збирната информација покажува: 37 апарати за кои било финансиски неисплатливо да се сервисираат; 17 кои воопшто не можеле да се сервисираат; 21 апарат биле ставени во расход; за 39 бил во тек сервис, 64 биле ставени за функција, а уште 21 требало да се распише јавна набавка од Министерството за здравство. Повеќе од третина од нив се набавени во 2010, 2011, 2012 и 2013 година.

Набавките почнаа со 40 милиони евра, по пат „пораснаа“ уште најмалку трипати

Државата никогаш не даде точна информација колку чинеа тие набавки. Поранешниот министер Имер Селмани во 2007 година калкулираше со цифра од 40 милиони евра. Бујар Османи како министер за здравство во 2010 година зборуваше за набавки вредни 68 милини евра. Последниот министер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во одговор на интерпелацијата што СДСМ ја поднесе за него во Собранието во 2015 година, објави дека до тогаш, „вкупно се инвестирани над 100 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема“.

Министерството за здравство, пак, и по повеќе од еден месец откако испративме прашања и по пет потсетувања дека очекуваме одговор, не кажа дали е направена ревизија на големите набавки на медицински апарати и колку вкупно средства од буџетот на Министерството за потрошени за тие набавки за периодот од 2006 до 2015 година.

Менче Точи, новинарка која долги години одблиску го следи здравството, вели дека никогаш не се дозна колку вкупно тендери за медицинска опрема имаше, ниту колку како држава сме задолжени за тоа.

„Дали се земени кредити или се тоа буџетски средства? Ако беа само буџетски, се поставува прашање од каде толку пари во буџетот кога Министерството за финансии одбиваше да се финансираат реконструкции на одредни болници кои скапуваа, со образложение дека пари нема. Ќе го земам пример, најголемиот тендер за медицинска опрема во здравството кој толку се „напумпа“ што достигна сума и од 120 милиони евра. Се направи непланско купување на медицински апарати, опремата некаде послужи, но некаде им помина и гаранцијата додека да се обучи кадар за да ракува со нив. Голем дел од овие апарати останаа да скапуваат по подрумите, а на многу од нив кога ќе се расипеше некој дел, болниците не можеа да го набават поради високите суми, деловите се многу скапи. Дури и предизборно, пред заминување тогашната власт најави тендер за набавка на 3.700 апарати во вредност од 33 милиони евра. Како да не беше доволен претходниот. Многу од тие апарати што беа набавени корозираат и затоа што нема кој да работи одредени интервенции со нив“, ни изјави Точи.

Според неа, јавна тајна е дека во вака големи проекти, големи тедери за медицинска опрема цените се превисоки, апаратите се прескапи, а со тоа можноста од корупција е поголема.

Таквите работи се договараат во четири очи, а познато е и дека фирмите даваат висока провизија за да го добијат тендерот. Каде завршуваат тие пари може да погодуваме“, вели Точи.

Но, во исто време додека тогашната власт набавуваше апарати, граѓаните се жалеа дека не можат да се снимаат на мамограф, на компјутер, на магнетна резонанца… немаше термин, долго се чекаше за термин или апаратот не работел. Тоа им беше добро познато и на пациентите и на лекарите, поради што во 2017 година тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари, им наложи на директорите на клиниките и на болниците да проверат што имаат од опрема и колку истата работи.

Сите знаевме дека постојат различни апарати кои беа набавени, а не се користат. Некаде тоа се случи поради тоа што лекарите заминаа во пензија, па немаше кој да работи на нив, немаше обучен кадар, некаде воопшто не се ставија во функција, некаде беа однесени апарати за кои немаше простор, па стојат во магацини. Кога јас бев министер побарав сите директори на сите здравствени установи да ми пратат список на апаратите кои ги поседуваат, кои се во функција, кои не се, но не ја добив таа листа, затоа што 15 дена потоа се кандидирав за градоначалник. Тие списоци веројатно се доставени до Министерството за здравство. Целта ми беше кога веќе ги имаме да се стават во функција, па на пример, некој апарат што е однесен во некоја болница, а не се користи од некоја причина, да се пренесе во друга каде би се ставил во функција“, ни изјави Таравари.

Од апаратите кои не беа во функција, а кои требаше да се поправат преку тендер на Министерството за здравство за резервни делови на медицински апарати се наведени: класичен РТГ апарат во здравствен дом Неготино, набавен 2007 година; дигитален РТГ во прилепската болница, набавен во 2009 година; дури 8 ЦТГ апарати во Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир, набавени во периодот од 2008 до 2012 година и други.

Груевски: „Траен капитал за македонското здравство“

Поранешниот премиер Никола Груевски своевремено ги претставуваше големите и скапи набавки на медицинска опрема за клиниките и болниците како „траен капитал за македонското здравство“. Се обидовме, нo не успеавме да добиеме одговор од поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, на повеќе прашања за тоа како е набавувана, распределувана и користена таа опрема.

Камен темелникот за бункер за акцелератор во ГОБ „Осми септември“ беше поставен во 2016-та

Од кога дојде на власт, СДСМ почна „процес на рехабилитација на здравствениот систем“, како што го нарече партијата во едно од своите соопштенија. Но, иако како опозиција се сомневаше во местени тендери, алармираше за купени, а нефункционални апарати, досега нема одговор на прашањето – како заврши таа опрема, дали и колку некој „ќари“ од тендерите на сметка на граѓаните?

Сега, министерот Венко Филипче вели дека направиле стратегија за опремата што е потребна, а досега ја немало.

„Тоа е компјутерска томографија во Гевгелија, кадешто се гради ново крило на болницата. Понатаму, компјутерски томограф којшто треба заради тоа што ќе се пушта новото крило во струмичката болница, да се надополни капацитетот. Магнетната резонанца за прв пат во Охрид, Гостивар и Битола. На барање на Клиниката за гинекологија нешто за интензивната нега, исто така на Клиниката за педијатрија, поединечни барања од посебни ЈЗ Установи за нешто што им е потребно, дали за нова метода или за нешто што е надвор од функција или често се расипува. Еден апарат на Клиниката за хематологија којшто ќе се користи за воведување нова метода за онаа трансплантација на коскена срцевина но на деца, зашто сега се праќаат во странство. Има барање од Клиниката за радиологија за нов ангиограф поради тоа што овој е навистина со перформанси коишто треба да се апгрејдираат и ангиографот којшто многу често се расипуваше и сега не работи во Битола“, ни изјави Филипче. Додека траеше истражувањето, во ГОБ „8 септември“ беше монтиран линеарниот акцелератор,  купен во 2015 година, за 1,8 милиони евра. Наскоро се очекува да биде пуштен во употреба, откако четири години стоеше спакуван во кутии во магацин на една скопска фирма.

Кај нас, проблем беше акцелераторот. Дури сега го монтираа. Апаратот стоеше во магацин долго време. Поставен е, завршени се сите технички работи. Дури и пробно го пуштија, но сѐ уште не се пренесени правата од Министерство за здравство на ГОБ 8 Септември и всушност не е во наша сопственост. Кога ќе го направат тоа, не знам. Од екипа што треба да работи на него имаме една докторка што е на специјализација, која наскоро ќе го положи специјалистичкиот испит и еден физичар, кој исто нема завршено. Но, со апаратот ќе работат стручни лица од Клиниката за онкологија“, ни изјави д-р Христијан Костов, директор на ГОБ „8 септември“. (Прв од серијата од два текста)

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија. Текстот првично е објавен од Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“