Национален ден на Власите, 23 мај – јубилеј, 120 години од признавањето на Власите како посебен народ


На 23 овој месец Власите ќе го одбелеѓат Националниот ден, соопшти денеска  Претседателот на организациониот комитет, Стерјо Папули.

Во дописот до медиумите, Папули вели дека 23 мај е Национален ден на Власите кој што се слави затоа што тој ден, во 1905г. турскиот Султан Абдул Хамид Втори со посебен документ, Декрет, ги признал Власите како посебен народ, со посебен етнички, јазичен и култрен  идентитет, на територијата на целата Отоманска Империја.

Власите тогаш за прв пат, официјално, се здобиле со правото да се образуваат на својот мајчин јазик, во црквите имале право на богослужба на влашки јазик, во училиштата биле поставени голем број на инспектори Власи, се стекнале со правото да издаваат литература на влашки јазик, така што од тој ден на Власите им биле гарантирани сите основни човекови права како и останатите немуслимански народи кои живееле на тие простори. 

По тој повод, како и секоја година, и оваа година влашката заедница од Македонија (организационен одбор во чиј состав влегуваат претставници од сите активни влашки организации), организираат Свечена Академија, која ќе се одржи на 23 мај (петок) во Македонскиот Народен Театар, со почеток во 18.00 часот. На Свечената Академија, како што е најавено, покрај претседателот на Организациониот одбор, Стерјо Папули, ќе се обратат и премиерот Христијан Мицковски и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.

На Свечената Академија се очекуваат гости од државниот врв, од релевантните државни институции кои се окупираат со предизвиците со кои се соочуваат немнозинските заедници, амбасадори, претставници на меѓународните организации, од невладиниот сектор, политичари, истакнати личности кои со својот ангажман дале голем придонес за развој и за промовирање на Македонија на регионален и меѓународен план, професори, лекари, бизнисмени, културни дејци, многу Власи и пријатели на Власите од цела Македонија, и од регионот.

Годинава се навршуваат 120 години од признавањето на Власите како посебен народ и по тој повод на Свечената Академија е предвидена богата културно-уметничка програма.

Освен тоа, оваа година се одбележуваат и 18 години од прогласувањето на Националниот ден на Власите 23  мај, за државен празник, така што тој ден сите кои што се чувствуваат како Власи, имаат право да не одат на работа.