На Владо Георгиев му е забранет влез во Црна Гора до 2030 година


Црна Гора– Министерството за внатрешни работи на Црна Гора ја усвоило жалбата на Адвокатската канцеларија на Томановиќ, која го застапува пејачот Владо Георгиев и го поништило Решението за забрана за влез во Црна Гора, но Управата на полицијата од Херцег Нови повторно му забранила влез на Георгиев и тоа на период од 10 години.

Ова го соопштила адвокатската канцеларија, наведувајќи дека Управата на полицијата од Херцег Нови во повторената постапка ‘отишла чекор понатаму во кршење на меѓународните стандарди и уставно загарантираните права’ и не постапила според законските и уставните обврски, туку донела правно неодржливо, незаконско и противуставно решение иако Министерството за внатрешни работи ја уважило жалбата на канцеларијата на Томановиќ дека забраната за влез е правно неодржлива.

„Во меѓународата правна практика, формата на деградирачки третман на поединец секогаш постои кога државата постапува без легитимна цел, со непропорционално и наменско обесправување на поединецот, бидејќи и на странецот при влегување во земјата му припаѓаат права гарантирани со бројни меѓународни правни документи“, се наведува во соопштението.

Кон крајот на август оваа година, на Георгиев, регионална поп-ѕвезда, на границата со Црна Гора му било врачено решение за забрана за влез во земјата. Како што беше наведено тогаш, причините се национална и внатрешна безбедност.

Минатиот месец концертот на Георгиев во „Мош“ во Скопје беше без маски и без дистанца, а подоцна локалот беше затворен заради пречекорувањето на работното време.