На Саемот на книгата во Истанбул претставени дела преведени од турски на македонски и албански јазик


На Меѓународниот саем на книгата во Истанбул денеска беше претставено издаваштвото од турски на македонски и на албански јазик. Организатор на штандот на Министерството за култура на Северна Македонија беше издавачката куќа „Шкупи“ и нејзиниот директор Азам Даути. Саемот се одржува од 25 октомври до 5 ноември.

Како што соопштија организаторите, делата што кај повеќе издавачи се преведени од турски на македонски јазик ги презентираше Ненад Баткоски, главен уредник на издавачката куќа „Бата прес“, а за преводите од турски на албански јазик зборуваше проф. д-р Али Пајазити, кој што ги претстави делата објавени од издавачките куќи „Логос А“ и „Шкупи“. Во име на организаторот промоцијата ја водеше Сабит Шабани.

Рамадан Рамадани директор на Културниот центар на нашата држава во Истанбул, нагласи дека постојано се зголемува соработката на културен план меѓу Северна Македонија и Турција, а особено, како што рече, импресионира соработката во објавувањето на дела од турски автори на македонски и албански јазик. Тој потенцираше дека не е мал ни бројот на дела од автори од нашата држава, преведени на турски јазик.

На претставувањето, меѓудругото, присуствуваа и Низар Кара, главен координатор за соработка со странски издавачи на ТЕДА проектот (за превод на турската книжевност на странски јазици) од Министерството за култура и туризам на Република Турција, Мехмед Серт, одговорен за претставувањето на ТЕДА на Саемот на книгата во Истанбул.

Ним им беа врачени плакети, во знак на признание и благодарност за развивањето на соработката при објавувањето на голем број дела од турската класична и современа литература. Признанијата им ги врачија писателот проф. д-р Александар Прокопиев, кој што на саемот ја претставуваше издавачката куќа „Прозарт“ и Аднан Исмаили, директор од „Логос А“.

Промоцијата ја следеше познатата турската телевизија Тек Румели, која подготвува посебна емисија за овој настан. Попладнево на Саемот, во рамките на панел дискусијата за влијанието на турскиот во македонскиот јазик ќе зборуваат писателите Дарко Лешоски и Владимир Илиевски.

На Саемот на книги во Истанбул учествуваат над 800 турски и странски издавачи, а се очекува годинава да се надмине бројката од милион посетители.