На ред дојде и претседателот на ССМ: Жесток напад на ВМРО-ДПМНЕ врз Слободан Трендафилов

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одбра нова цел за отстрел. Досега се занимаваше се политичките противници, сега на нишанот го стави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов. Пратеникот Бране Петрушевски, кој е задолжен за вакви тиради во партијата, денеска изјави дека Трендафилов настапувал усогласено со СДСМ и бил незаконски избран. И дека само глумел синдикалец.
„СДС го постави Слободан Трендафилов на чело на ССМ. Тој молчеше додека на власт беа СДС, а сега глуми синдикалец. Слободан Трендафилов е избран за претседател на ССМ на еден крајно насилен начин, со изигрување на прописите. Трендафилов не можел да биде лидер на ССМ, бидејќи претходно не бил претседател на грански синдикат, туку секретар.
Нелегалното поставување на Трендафилов на чело на ССМ беше дозволено од власта на СДС, целиот државен систем го одмолче незаконието, сѐ со цел на чело на овој синдикат да дојде послушник кој ќе биде мирен додека на власт е СДС, а ќе глуми синдикалец додека тие се опозиција.
Слободан Трендафилов како синдикалец одмолче кога Талат Џафери пцуеше вработени во Собранието, не реагираше на сексуалните напади врз припаднички на армијата од страна на старешини, премолче систематско деградирање на работникот во време на СДС, за сега наеднаш како на тастер да се буди од зимски сон.
Народот го прочита Трендафилов“, рече Петрушевски.