На Путин веројатно нема да му се суди, но тој стана меѓународен отпадник

Одлуката на судот во Хаг драматично го стеснува просторот за патување во странство на рускиот претседател. Тој стана човек од потерница


Дали и ќе следат нови налози со обвиненија за Владимир Путин

 

Меѓународниот кривичен суд (МКС) го направи претседателот Владимир Путин човек од потерница. Русија не е членка на МКС и не се очекува дека некој осомничен ќе биде предаден. Но, налогот ќе го направи рускиот претседател меѓународен отпадник и ќе му го отежне патувањето, особено во која било земја што е приклучена кон МКС. Членовите на МКС се обврзани да го уапсат секој што ќе го посочи судот.

Судот во Хаг издаде налог за апсење на Владимир Путин затоа што го надгледувал киднапирањето на украинските деца, со што на Русија ѝ даде уште еден знак на патот да стане незаконска држава.

При одобрувањето на барањето за налози од страна на обвинителот на МКС, комисијата на судии се согласи дека има „разумни основи“ да се верува дека Путин и комесарката за правата на децата, Марија Алексеевна Лвова-Белова, сносат одговорност за „незаконско депортирање“ на украински деца.

Потерниците се првите што ги издава МКС за злосторства извршени во Украина, а тоа е една од ретките случаи кога судот распишал налог за актуелен шеф на државата, ставајќи го Путин во друштво на либискиот лидер Моамер Гадафи и суданскиот претседател Омар ал Башир.

Гадафи беше на власт и убиен неколку месеци откако беше објавен неговиот налог. Башир, исто така, беше сменет и моментално е во затвор во Судан, иако допрва треба да биде префрлен во Хаг. Путин најверојатно ќе ја избегне правдата во блиска иднина: Русија не ја признава јурисдикцијата на судот и во петокот инсистираше на тоа дека налозите не ја засегнуваат. Но, рускиот лидер ќе се соочи со ограничувања на неговата слобода на патување во земјите-членки на МКС, што дополнително ќе ја продлабочи неговата изолација.

При одлучувањето за издавање на налозите, Судскиот совет на претходна постапка на МКС размислуваше да ги чува налозите во тајност, но одлучи дека нивното објавување би можело „да придонесе за спречување на натамошното извршување на кривични дела“.

Не е јасно колку деца се однесени од Украина од страна на руските сили. Минатиот месец, лабораторијата за хуманитарни истражувања на Јеил објави извештај во кој се тврди дека најмалку 6.000 деца од Украина биле испратени во руски кампови за „превоспитување“ во изминатата година. Во изјавата во петокот, обвинителот на МКС, Карим Кан, рече: „Инцидентите што ги идентификува мојата канцеларија вклучуваат депортација на најмалку стотици деца земени од сиропиталишта и домови за згрижување деца“.

Кан рече дека многу од децата биле ставени на посвојување во Русија и дека Путин донел декрет за забрзување на доделувањето на руското државјанство на децата, што го олеснува нивното посвојување.

Двете лица од потерницата: Владимир Путин и Марија Алексеевна Лвова-Белова на средба овој февруари

Присилната депортација на населението е признаена како кривично дело според римскиот статут што го основал судот. Русија беше потписник на Римскиот статут, но се повлече во 2016 година, велејќи дека не ја признава јурисдикцијата на судот.

Иако Украина самата не е потписник на судот во Хаг, таа му додели на МКС јурисдикција да ги истражува воените злосторства извршени на нејзина територија.

Четири посети на главниот обвинител на МКС, Карим Кан, во текот на изминатата година доведоа до одлука дека „постојат разумни основи да се верува дека г-дин Путин сноси индивидуална кривична одговорност“ за киднапирањето деца.

Што значи тоа во реалноста?

Бидејќи Русија не го признава судот и не ги екстрадира своите граѓани, многу е малку веројатно дека Путин или Лвова-Белова наскоро ќе бидат предадени на надлежноста на судот.

Но, издавањето на налогот останува многу значаен момент од повеќе причини. Тоа испраќа сигнал до високи руски функционери – воени и цивилни – кои може да бидат ранливи на кривично гонење или сега или во иднина и дополнително би ја ограничиле нивната способност да патуваат на меѓународно ниво, вклучително и да присуствуваат на меѓународни форуми.

Дали службените шефови на држави уживаат имунитет?

Иако МКС не признава имунитет за шефовите на држави во случаи кои вклучуваат воени злосторства, злосторства против човештвото или геноцид, во важен преседан, Јужна Африка одби да спроведе налог на МКС за апсење на суданскиот диктатор Омар ал-Башир за време на посетата во 2015 година.

Преторија тврдеше дека не гледа „никаква должност според меѓународното право и Римскиот статут да се уапси службениот шеф на држава на [МКС] недржавна страна како што е Омар ал-Башир“, а неколку други земји што тој ги посети, исто така, одбија да го уапсат.

Апсењето на поранешниот чилеански диктатор Аугусто Пиноче во Лондон во 1998 година по меѓународна потерница издадена од шпанскиот судија Балтасар Гарзон ги илустрира тешкотиите поврзани со ваквите проблеми со имунитетот.

Пиноче тврдеше дека има имунитет како поранешен шеф на државата – барање кое го отфрлија британските судови – но на крајот, британскиот министер за внатрешни работи, Џек Стро, му дозволи на Пиноче да се врати дома поради лошо здравје.

Па, која е поентата на ова?

Додека Путин сега изгледа сигурен во својата моќ и безбеден од екстрадиција, идниот лидер на Кремљ може да одлучи дека е повеќе политичко важно да го испрати во Хаг отколку да го заштити.

Добар пример е Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Југославија, кој беше обвинет по серија обвиненија за воени злосторства од страна на меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во средината на војната во Косово во 1999 година.

Во 2001 година, среде борбата меѓу клучните спротивставени фигури во Србија по падот на Милошевиќ од власт, премиерот Зоран Ѓинѓиќ ја игнорираше судската одлука за забрана на екстрадицијата и нареди трансфер на Милошевиќ во Хаг, велејќи: „Секое друго решение освен соработката [со Хаг] ќе ја доведе земјата до катастрофа“.

Апсењето на Милошевиќ – пред неговиот трансфер – следеше по притисокот врз југословенската влада да го приведе поранешниот претседател или ризикува да изгуби значителна американска економска помош и заеми од Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Судијата додаде дека обвинителот може да формира случаи за нови обвинувања против Путин, со што ќе ги прошири налозите.

„Хјуман рајтс воч“ ја опиша одлуката за издавање налог за апсење на Путин како „повик за будење до другите кои вршат злоупотреба или ги прикриваат“. (Според агенциите)