На повидок мега – зделка: „Гејмстоп“ понуди 56 милијарди долари за „И-беј“
Трговецот на мало со видеоигри „Гејмстоп (GameStop)“ вчера објави понуда за преземање на многу поголемата интернет-продажна платформа „И-беј (eBay)“.
– Понудата е вредна околу 56 милијарди долари во готовина и акции… Намерата е да го користиме „И-беј“ за изградба на многу посилен конкурент на „Амазон (Amazon)“. Понудата претставува премија од приближно 20 насто во однос на цената на затворање во петокот, изјави извршниот директор на „Гејмстоп“, Рајан Коен, за „Волстрит журнал (Wall Street Journal)“.
Во тргувањето по работното време, акциите на „И-беј“ веќе се искачија на околу 116 долари откако „Волстрит журнал“, повикувајќи се на луѓе запознаени со ова прашање, објави за плановите на Коен за понуда. По преземањето, тој има за цел да ја води споената компанија.
„Гејмстоп“ соопшти дека поднел необврзувачки предлог од 125 долари по акција, а понудата го проценува „И-беј“ на околу 55,5 милијарди долари, врз основа на најновиот број на акции во оптек објавени од „И-беј“.
„Гејмстоп“ веќе има удел од околу 5 отсто во американската мултинационална компанија за е-трговија. „И-беј“ првично не одговори на објавата на Коен. Тој додаде дека веќе обезбедил обврска за заем од околу 20 милијарди долари за преземање. Првично остана нејасно како точно ќе се финансира остатокот од цената на купување.
Пред „Гејмстоп“, Коен беше со-основач и раководител на „Чуи (Chewy)“ – трговска платформа за продажба на мало, специјализирана за производи за домашни миленици. Во 2020 година, работата се прошири во секторот на видеоигри, пред Коен да ја преземе функцијата извршен директор во 2023 година.
Оттогаш затвори повеќе продавници, сосредоточувајќи се на области како што се картички за тргување и ретроконзолни игри.
„И-беј“ сега, исто така, се обидува да се насочи на профитабилни дејности како што се колекционерските предмети, автоделовите и мода од втора рака. Главниот извршен директор Џејми Јаноне го нагласи свртувањето кон вештачката интелигенција со цел да им се олесни купувањето на корисниците на платформата.