На последниот боем и Славеј и Биљбиљ


Ерол Ризаов

Славе Биљбиљ, скопска урбана легенда, денес на Свети Никола ненадејно гледајќи филм на телевизија замина во вечните ловишта на 76 години. Само пред три дена ми го кажуваше со неговиот карактеристичен стил за црн хумор сценариото како е најдобро да замине од овој свет. Рече, нека дојде душевадникот и нека заврши работа моментално, да отпатувам наеднаш завален на фотелја со чаша виски и како што испеа Ѓорѓе Балашевиќ за Васа Ладачки „ко да дрема ко да спава“. И така би. Нашиот и Славеј и Биљбиљ престана да „пее“ во еден миг. Го удри дамла во големото срце.

Неговата смрт стана вест која за неколку минути го обиколи светот. Телефонот не престанува да ѕвони, се јавуваат со неверица нашите пријатели од Белград, Загреб, Сплит, Софија, Лос Анџелес, Кејптаун, Перт, Велес, Струмица, Солун, Охрид… прашуваат дали е вистина, да не е некоја несолена шега. Ќешки да беше така.

Нашето пријателство е подолго од половина век. Неговата животна патека е неверојатен документарец. Тргнува од Дебар Мало како дете, преку Зрењанин повторно во Скопје, во меани, кафеани, биртии, на стадиони, тениски терени, ексклузивни хотели и ресторани, академии на науки, покрај реки и езера… кај што најмалку се надеваш ќе налеташ на Славе. Омилен соговорник и патувачки филозоф во друштво на најголемите ЈУ ѕвезди, актери, режисери, музичари, пејачи, писатели, спортисти, академици, политичари, претседатели, премиери, министри,  бизнисмени, новинари, разузнувачи, рибари, бавчованџии, „скупљачи перја“, разни мајстори на својот занает… но секогаш свој и оригинален Биљбиљ по име, но орел, благороден високолетач по карактер. Неповторлив. Никогаш сервилен и снисходлив, никогаш циција и тамаќар, секогаш отворена рака и кавалер.

Славе Биљбиљ беше главен гостин во неговите и во туѓите кафеани, посакуван муштерија на скопските пазари и касапници, на најквалитетните стоки кој не прашува колку чини зајрето за да приготви софра која останува во сеќавање не само поради вештината на врвен  кулинар, со рецепти што не ги знае ни Џејми Оливер, туку поради дружбите кои влегуваат во анталогијата на ориенталната кујна. Уште долго ќе се прикажуваат догодовштините и анегдотите, по мое, на последниот скопски боем.

Но, Биљбиљ не беше само боем, туку феномен, човек со ѕвезда на челото, што ќе рече академикот и македонозналецот Гане Тодоровски. Штом ќе се појавеше и со својот рапав глас ќе ги обелоденеше своите уникатни коментари како оратор од најголемиот универзитет, кафеаната, кој фаќа во лет сѐ она што простосмртните не можат да го видат. Среде кавга и голема расправа, Славе Биљбиљ ќе исфрлеше како стара кртешница рафал од кој се паѓа од маса од смеење. Ако друштвото забега преку неговите црвени линии означува фајронт. Не треба да платите, напуштете ја кафеаната ќе грмнеше. И крај. Имаше негови критериуми на правда посилни од римското право. Пресудата паѓа веднаш.

Му остана до последен ден непробол Тенискиот клуб кај Градскиот стадион и кога беше свој на своето во друга кафеана карши „Алумина“. Во едно студено зимско утро додека чуреше ќумбето натурализираниот германски Македонец Дитрих ја подотвори вратата да влезе свеж воздух. Абе, швабензи, зошто ја отвораш вратата, викна Славе. Дитрих отсече: Задушливо е. Аааа, задушливо, а отваравте ли вие врата во Аушвиц, возврати Славе. Одеднаш се направи атмосфера за неповторливо ѓезме. Вакви вистинити приказни за Славе има мал милион, цел роман, тие ќе се прераскажуваат и ќе нѐ надживеат сите за една посебна личност од нашиот сокак кој зад тврдата фасада имаше мека душа и големо срце.

Еден ден ми се јави од Струмица. Рече, ја оставив кафеаната и се преселив со Васка во Струмица. Доста беше, ако е за аир. Непредвидлив, како секогаш, но овојпат не можев да верувам. На последната наше средба пред три дена кога ми кажуваше како е најдобро да замине од овој свет, сакајќи да го прекинам тој муабет и црн хумор го потсетив на една негова чудна замолница од пред десетина години. Тој ден беше бил на некој погреб на негов пријател. Со сета во гласот ми рече: Турче, земи пенкало и запиши нешто што ќе објавиш кога ќе умрам. Преправајќи се дека сум сериозен ја чекав неговата шега. Пиши, рече: Умре Славе Биљбиљ. Ожалостени нема. Толку, ни збор повеќе.

Да, рече смеејќи се, си го запамтил тоа. Тоа беше грешка. Ќе има некој што ќе пушти по некоја солза кога ќе ме снема. Моите деца и внуци, на кои не успев доволно добро да им покажам колку ги сакам. Никогаш не го бев видел со толку тага во очите. Ја пружи раката и рече- види колку се наежив. Нека ми ги простат гревовите. Ако можат. Долго молчевме двајцата. Му ја знаев болката и за Васка и за децата и за внуците. Е, мој и Славеј и Биљбиљ, еписи бир, така си го викав во одредени деликатни ситуации, реков, ти никогаш нема да умреш. Си заминав заборавајќи ги сармите што ми ги подготви.

Славе останува да живее во нашите сеќавања и дружби, иако тоа веќе не е тоа. Лесна ти земја, драг пријателе.