На Божик, „Американ ерлајнс“ ги приземји авионите
Сите летови на „Американ ерлајнс“ во САД се одложени на неодредено време, а авиокомпанијата објави дека колапсот се должи на „техничка грешка“.
Како што пишува Си-ен-ен, ширум САД има стотици летови, а посебен проблем создава тоа што периодот околу католичките божиќни и новогодишни празници е еден од најфреквентните за авионски превоз во оваа земја.
„Американ ерлајнс“ дополнително не ги појасни деталите за техничките проблеми, ниту пак дадоа конкретен временски период за решавање на оваа ситуација.
Од утрово бројни граѓани на САД на социјалните мрежи објавуваат дека се незадоволни од моменталната состојба.
Повеќето од нив се луѓе кои решиле да ги поминат празниците со своите семејства, но поради овие технички проблеми прашање е кога ќе стигнат до целта.
Во една објава, корисникот на социјалната мрежа X вели дека се работи за проблем со софтверот кој пресметува „тежина и рамнотежа“, но тоа не е официјално потврдено од American Airlines.