На аукција во Њујорк, уметничката колекција на Пол Ален надмина милијарда долари
Продажбата на уметничката колекција на ко-основачот на „Мајкрософт“, Пол Ален, кој почина во 2018 година, ја надмина историската граница од 1 милијарда долари во средата вечерта во аукциската куќа „Кристи“ во Њујорк, со низа рекордни достигнувања за делата на Ван Гог, Сезан и Гоген.
И покрај економската неизвесност поради војната во Украина и инфлацијата, пет слики беа меѓу малата група дела продадени за повеќе од 100 милиони долари на аукција одржана во центарот Рокфелер во Менхетен, што е потврда дека уметничкиот пазар сè уште напредува.
Најскапата од нив, „Позерки, заедно (мала верзија)“ (1888) од Жорж Сера, слика која се смета за ремек-дело на поентилизмот, е продадена за 149,24 милиони долари, соопшти аукциската куќа Кристи.
Притоа, беше најавено дека вкупната сума од продажбата ќе биде наменета за хуманитарни потреби.
И покрај спорот со Бил Гејтс, со кого го основаше „Мајкрософт“ во 1975 година, американскиот милијардер Пол Ален во 2009 година го потпиша „Гивинг Плеџ“ со кој се обврза да го даде најголемиот дел од своето богатство во добротворни цели.
Само 60 од 150-те лотови беа продадени во среда, останатите ќе им бидат понудени на купувачите во четврток.
Статуата на Алберт Џакомети „Венецијанец III“, беше продадена за 25 милиони долари.
Скулптурата „Играта на кралот и кралицата“ на германско-американскиот уметник Макс Ернст беше продадена за 24,3 милиони долари, а на аукцијата беа прикажани и дела од сликари како Диего Ривера, Лусијан Фројд, Винсент Ван Гог и Пол Гоген, чија слика од тахитскиот период „Мајчинство II“ (1899) е продадена за 105,73 милиони долари. Делото на Густав Климт „Букова шума“ постигна цена од 104,5 милиони долари, што е уште еден рекорд.
Овој дожд од рекорди сведочи за квалитетот на колекцијата собрана од Пол Ален, милијардер со широко поле на интереси, кој основал музеј за поп култура во родниот Сиетл и поседувал неколку спортски франшизи, меѓу кои и Сиетл Сихокс.
Експертите на оваа аукциска куќа истакнуваат дека уметноста е повеќе од кога било безбедно место за инвестирање и покрај неизвесните економски услови.
„Има повеќе милијардери отколку ремек-дела“ на пазарот и „побарувачката е многу разновидна“, со зголемено присуство на клиенти од Азија и Блискиот Исток, рече Адриен Мајер, специјалист за модерна уметност во „Кристи“.