На атрактивна локација во Аеродром ќе се продава државно земјиште по 2.000 денари квадрат


Земјиштето е во близина на хотелот „Русија“

 

Општина Аеродром продава градежно земјиште по 2.000 денари по метар квадратен. Земјиштето зафаќа површина од 23.000 метри и се наоѓа на атрактивна локација, непосредно до хотелот „Русија“ и спортската сала Јане Сандански. За оваа електронската аукција закажана за почетокот на следниот месец за почетните 2.000 денари по метар квадратен се бара банкарска гаранција од приближно 2 милиони евра, соопшти денеска советникот на СДСМ во Општина Аеродром, Марко Даниловски.

Земјиштето е со намена Д3 спорт и рекреација и компатибилни Б намени за комерцијални и деловни објекти предвидува градежна парцела од приземје и три ката со вкупна градежна површина од 80.000 метри квадратни.

СДСМ го прашува градоначалникот Дејан Митески:

„Дали зад цела оваа зделка, стојат директно министерот за транспорт, Александар Николовски, и министерот за спорт, Борко Ристовски?

За кого е наменето ова земјиште? Ќе никне ли уште еден уште еден спортски комерцијално деловен објект веднаш до хотелот ‘Русија’? Кога конечно ќе се престане со бетонизацијата на урбаното јадро на општината?“, рече Даниловски.

На ова реагираше Општина Аеродром нарекувајќи ги наводите „политички конструкции, манипулации и целосно неточните тврдења“.

Во реакцијата се вели дека „станува збор за уште еден обид за евтина политичка кампања преку свесно ширење дезинформации и без елементарно познавање на материјалите што редовно се разгледуваат на седниците на Советот“. За отужувањето на градежното земјиште советниците на крајот на 2025 се изјасниле едногласно, без гласови против.

Од општината велат дека на локација се предвидува реализација на проект од јавен интерес кој носи нови спортски и рекреативни содржини, уреден јавен простор и значително подобрување на квалитетот на живот за граѓаните.