Евакуирани работници во Штип поради шумските пожари (видео)
Попладнево изби и трет пожар на територијата на Општина Штип и тоа помеѓу објектите на Штипска млекара и текстилната конфекција „Албатрос“, каде што гори сува трева.
На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица Штип, доброволци од Доброволното противпожарно друштво Штип, полициски службеници и жители од населбата Каленица. Од безбедносни причини се евакуирани и работничките од текстилната конфекција „Албатрос“.
Претходно во текот на денот, сериозна ситуација беше забележана и кај штипскиот Исар, каде огнот се приближи на само неколку метри до самите куќи, предизвикувајќи вознемиреност кај локалното население.
Паралелно со Штип, исклучително тешка е состојбата и во Пробиштипско, каде што огнената стихија веќе успеа да проголта една куќа, а три авиони „Ер трактор“ во моментов гаснат од воздух.