Најмногу се чека за излез на преминот кај Богородица
Зголемен број возила се регистрира на патиштата низ земјава, особено на делниците надвор од населените места, информира Автомото сојузот на Македонија. Сообраќајот на државната патна мрежа генерално се одвива без поголеми проблеми, а коловозите се суви и проодни.
Поголема фреквенција на возила има и на граничните премини. На ГП Табановце се бележи задржување од околу 30 минути при излез од Македонија, додека најголемо чекање има на ГП Богородица, каде возачите и патниците во моментов се задржуваат околу еден час. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината кон условите на патот и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација. Се препорачува дополнително внимание при движење низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони.
Посебна внимателност се советува на патните правци Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
АМСМ ги повикува учесниците во сообраќајот да возат внимателно и да ги почитуваат ограничувањата, особено во услови на зголемен сообраќаен интензитет.