Нови кривични пријави за „Пулс“: Осум инспектори осомничени дека со години не вршеле контроли


Фото: Б. Грданоски

Одделението за внатрешни работи Кочани поднесе кривична пријава против осум службени лица вработени во Државниот инспекторат за труд, поради сомнение дека со несовесно работење во службата овозможиле дискотеката „Пулс“ во Кочани со години да работи без инспекциски надзор.

Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство во Кочани и се однесува на С.Ш.С. (53) од Македонски Брод, С.Ѓ. (59) од Скопје и З.М. (64), С.З. (61), Т.К. (42), Н.Д. (43), Г.П. (41) и М.З.С. (44), сите од Кочани. Тие се осомничени за кривичното дело „несовесно работење во службата“.

Според наводите во пријавата, во периодот од 2022 година до 16 март 2025 година, осомничените, како службени лица во Државниот инспекторат за труд, иако имале законска обврска да вршат инспекциски надзор, ниту еднаш не покренале постапка по службена должност за контрола на угостителскиот објект „Пулс“ во Кочани.

Од полицијата наведуваат дека, иако станувало збор за единствен објект од ваков вид на подрачјето на Општина Кочани во период од 13 години, инспекциски надзор не бил спроведен, спротивно на обврските предвидени со Законот за инспекциски надзор.

Во пријавата се наведува дека со непостапувањето не било спречено незаконското работење на објектот, а вработените биле изложени на ризик бидејќи работеле во непроверен и неконтролиран објект во однос на исполнувањето на условите за безбедност и здравје при работа, како и на основните права од работен однос.

Според полицијата, со ваквото постапување било овозможено „Пулс“ незаконски да продолжи со вршење угостителска дејност и да оствари противправна имотна корист во вкупен износ од 1.255.977 денари.

Со оваа пријава продолжува истрагата за евентуалната одговорност на институциите во врска со работењето на дискотеката „Пулс“, која е во фокусот на истражните органи по трагичниот пожар што се случи во објектот.