СДСМ ќе остане конструктивна за Изборниот законик, но не по цена на изборен грабеж


Позициите на СДСМ се јасни и принципиелни во однос на Изборниот законик и ќе останеме конструктивни, но не по цена да отвориме врата за изборен грабеж, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција го повтори ставот за различниот начин на гласње на дијаспората.

– Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето кои живеат во дијаспора, од луѓето кои тука живеат? Зошто ние тука гласачите да оставаме фингерпринт и така натаму, а некој да гласа електронски или да гласа со писма? Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјата и за тие што не се во земјата? Ние за тоа се бориме, рече Филипче, подвлекувајќи дека со предложените решенија, според него, Владата ги изложувала граѓаните од дијаспората на сомнежи и ризици.

СДСМ, според него, има аргументирани забелешки и за други предложени измени во Изборниот законик.

– Понатаму, зошто Државната изборна комисија да не може да одлучува за целокупниот материјал за изборите? Зошто мора да се земат предвид, согласно новиот предложен закон, приговорите кои што се внесени во записниците? Може некој нема да ги запише. Нема никаква логика, додаде Филипче.

Тој смета и дека предложените измени за различно обележување на гласачкото ливче, отвораат сомнеж за можни манипулации.

Во однос на т.н Платформа за обединување, претседателот на партијата рече дека тоа е политички проект на Христијан Мицкоски и ЗНАМ , чија цел е дополнително да се фрагментира опозицијата и да се ослабне СДСМ, бидејќи, според него, власта сè повеќе ја губела довербата кај граѓаните.

– Јас не би ги коментирал проектите на Христијан Мицкоски. Жал ми е што дел од другарите се откажаа од партијата, од својата идеологија. Тоа е веќе видено. Тоа е претходниот проект ЗНАМ, кој што еве постепено пропаѓа. Ист е организаторот и ист е финансиерот, рече Филипче.

Подвлече дека се целосно фокусирани на зајакнување на Фронт за вистина и правда и враќање на институциите во служба на граѓаните.