МЗ: Тетовската и другите модуларни болници се изградени согласно сите процедури и стандарди


Министерството за здравство соопшти дека сите 19 модуларни ковид болници во државата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, како што се посочува, се отворени после технички прием.

При градбата на сите модуларни болници вградените материјали се сертифицирани. Ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска, информираат од Министерството.

Ковид – центарот во Тетово, како што се истакнува, ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи. Од Министерството апелираат да не се шпекулира со ваквите информации и очекуваат експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа.

-Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид – центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која Министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот, стои во соопштението.

Реакцијата на Министерството за здравство дојде по пишувањата на повеќе медиуми за техничките слабости на модуларната болница што беа утврдени пред нејзиното пуштање во употреба.

Eкономскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми, во изјава за „Фокус“ негираше дека тие слабости, што ги соопшти токму тој, можеле да бидат  причина за синоќешниот пожар.

-Причините за пожарот треба да ги утврди Обвинителството, но еве ќе кажам тоа што тогаш сум го забележал не може да се доведе во врска со пожарот. Сум констатирал ситни неправилности, на пример дека треба да се поправи подот во ходникот, да се инсталира туш кабина или дека треба да се стави заштитна ограда, што беше направено, изјави Етеми за „Фокус“. 

-Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има, изјави Етеми пред неполни пет месеци.