МВР: Кривични пријави за четири деца и петмина родители за случајот со насилството врз малолетничката во Аеродром


Поднесена е кривична пријава против две малолетнички поради основано сомнение за сторено кривично дело насилство, против еден малолетник за кривичните дела поттикнување и неовластено снимање, како и против уште еден малолетник за кривично дело неовластено снимање. Пријави се поднесени и против петмина родители поради сомнение за сторено кривично дело запуштање и малтретирање дете.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираат дека се поднесени кривични пријави за четири деца и петмина родители за случајот со меѓуврсничко насилство во скопски Аеродром, кога малолетничка беше физички нападната од свои врсници.

Оттаму додаваат дека Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје целосно го расчисти случајот од 30 јуни кога во парк во скопски Аеродром 12-годишно девојче физички е нападнато од две малолетнички, додека други присутни малолетници го снимале настанот со мобилни телефони.

Од Одделението за криминалистичка полиција при ОКР Аеродром и Драчево, во координација со ОКР Кисела Вода, до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против две малолетнички за кривично дело насилство.

Кривична пријава е поднесена и против еден малолетник за кривични дела поттикнување и неовластено снимање, како и против уште еден малолетник за кривично дело неовластено снимање.

Пријави се поднесени и против петмина родители – И. В., М. В., М. П., И. А. и И. А. за сторено кривично дело запуштање и малтретирање дете.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на 2 јули рече дека веќе се преземаат законски дејствија во врска со случајот со меѓуврсничкото насилство во скопски Аеродром и дека се подготвуваат соодветни кривични пријави, не само за насилниците, туку и за нивните родители.

Посочи дека на разговор биле повикани сите инволвирани страни, односно прво е остварен разговор со жртвата и нејзиниот родител, а извршени се и потребните медицински прегледи за констатирање на повредите. На разговор се повикани и директните извршители на насилството, сведоците на настанот, како и децата што го снимале инцидентот, заедно со нивните родители.

За случајот додаде дека е известен надлежен јавен обвинител, по чии насоки се поднесуваат кривични пријави за насилство и за малтретирање и запуштање малолетно лице.

„Со тоа ние ќе си ја сработиме работата како МВР, но очигледно она што го работи Министерството не е доволно. Понатаму треба да постапат јавното обвинителство и судот и сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста, и преку медиумите да бидат запознати сите оние што во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство дека за сите следува санкција, дека за нивните родители ќе следува санкција и дека оваа држава нема да дозволи ваков тип грозоморно насилство коешто македонскиот народ и македонските граѓани имаа можност да го посведочат во текот на вчерашниот ден“, рече тој коментирајќи го случајот.

Претходно, од МВР соопштија дека настанот, од кој се појави и видеоснимка на социјалните мрежи, во полиција го пријавила 31-годишна жена, мајка на 12-годишното девојче кое беше нападнато од свои врсници.

Според пријавата, настанот се случил на 30 јуни околу 22 часот вечерта, во парк во Аеродром, кога ќерка ѝ била нападната од страна на 14-годишна малолетничка, која заедно со својата другарка ја натерале жртвата во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Потоа откако тргнала да си оди, била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала.