Муцунски и Таравари со грчките колеги во посета на повредените во Солун

АТИНА – Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари утрово се во посета на повредените во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во две солунски болници, а министрите ги придружуваат заменик-министерот за внатрешни работи на Грција Костас Јулекас надлежен за областите Македонија и Тракија и заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу.
Државната телевизија ЕРТ објави дека Муцунски ѝ се заблагодарил на Грција и дека повредените се во добри раце, додека пак солунскиот портал „Тестивал“ објави видео и фотографии од пристигнувањето на Муцунски и Таравари пред болницата „Папаниколау“.
Новинската агенција АНА-МПА пишува дека двајцата министри ги посетија тројцата пациенти хоспитализирани на Одделот за изгореници во болницата Папаниколау и поразговараа со нивните родители, а веднаш потоа се очекува да ги посетат хоспитализираните во воената болница.
Министерот Јулекас говорејќи утрово за грчката телевизија Опен рече дека заедно со Таравари ќе ги посетат повредените со изгореници кои се лекуваат во болницата Папаниколау и во воената болница „424“ во Солун и „заедно со министерот за здравство ќе биде и заменик министерот за надворешни работи на Хаѕивасилиу“.
„Во континуиран контакт сме со одговорните на блниците и лекарите кои ги следат за состојбата на повредените. Ова е трагичен случај, трагична несреќа, национална трагедија и за жал овие луѓе се во тешка ситуација. Грција уште од првиот момент ги отвори нејзините врати, вратите на болниците, како што е случај и со Турција и со други соседни земји да обезбедиме секаква можна помош за овие луѓе кои во овој тежок момент во нивните животи, водат тешка битк“а, рече Јулекас.
Во болницата „Папаниколау“ се хоспитализирани три лица, а во воената болница во Солун други двајца повредени, сите со тешки изгореници.
Доцна синоќа, со авион „Ц-130“ на грчкото воено воздухопловство од Скопје во Атина беа префрлени тројца повредени во пожарот во Кочани и се хоспитализирани во атинската воена болница „401“ на Одделот за повредени со изгореници.