Муцунски: Членството во НАТО внесе оптимизам


Членството на Македонија во Алијансата внесе оптимизам и позитивно се одрази во регионот, оцени министерот за надворешни работи и наворешна трговија Тимчо Муцунски на одбележувањето на петгодишнината од влегувањето на државата во НАТО.

-Во соработка со нашите соседи, заеднички придонесовме во создавањето на нова политичка динамика заснована на добрососедска интеракција, која има цел да го претвори регионот во синоним на стабилност, развој и економски просперитет. Ова е нешто на што се гордееме и се стремиме да го продолжиме. Денеска имаме можност како земја членка на НАТО да придонесеме кон градење на политичка и безбедносна стабилност, не само за нас, туку и за регионот и Европа, каде што природно припаѓаме. Заедно со вас сојузниците, заеднички ја градиме нашата иднина и заедно се справуваме со безбедносните предизвици со кои се соочува европскиот континент, а кои имаат и глобални импликации, рече Муцунски.

Тој нагласи дека нашата надворешна политика има три константи – полноправното членство во НАТО, како кредибилен сојузник во Алијансата, целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и нашето стратешко партнерство со САД, кои, рече, целосно кореспондираат со нашиот национален интерес и сите одлуки кои што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси. 

При тоа се осврна и на зголемените растечки закани и предизвици, за што рече, потребна е подготвеност за колективен одговор и одбрана  како и засилена соработка и координација, меѓу членките на сојузот заедно со нашите стратешки партнери.

-Новата реалност налага секој од нас да го преземе својот дел од товарот и преку зајакнато инвестирање во сопствените одбранбени капацитети да придонесе во зајакнување на колективната способност за одвраќање и одбрана. Препознавајќи ја потребата за зајакнување на источното крило на НАТО, силите на нашата армија се во состав на воспоставените команди на НАТО во Бугарија, Романија и Латвија. Регионално, имаме зајакнато присуство со наши сили во рамките на силите на КФОР на Косово и во мисијата на ЕУ Алтеа во БиХ, потенцира шефот на дипломатијата.

Истовремено, додаде тој, ја препознавме потребата и итноста од инвестирање во сопствената безбедност преку зголемување на трошоците за одбраната, зајакнување на капацитетите и развивање на силите и способностите потребни за колективната одбрана и колективно дејствување во контекст на растечка стратешка конкуренција.

-Две третини од сојузниците сега трошат најмалку 2 отсто од БДП за одбраната, со интенцијата тоа да продолжи да расте. Ние остануваме посветени да продолжиме да издвојуваме 2 отсто од БДП за одбраната, од кои 32,35 отсто ќе бидат наменети за опрема и модернизација. Дозволете да упатам посебна благодарност до оние сојузници кои го помогнаа овој процес на мојата земја, наведе Муцунски.

Тој ја потенцира и важноста што за нашата земја ја има блиската соработка со Европската Унија, со која минатата година во ноември, потпишавме Безбедносно и одбранбено партнерство кое, вели, ни овозможува зајакнат дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања, вклучително и заедничко справување со безбедносните предизвици во сè посложената глобална средина. На ова партнерство, кажа тој, сме особено горди, бидејќи сме први во регионот за ваквата можност на блиска соработка.

Муцунски се осврна и на конфликтот во Украина, на неговите импликации и на целосната поддршка што ја дава нашата држава за воспоставување праведен и одржлив мир.

-Минатиот месец, беше одбележана тригодишнината од руската воена агресија врз Украина, која за жал, остави стотици илјади жртви, принуди милиони да ги напуштат своите разрушени домови. Ќе се согласите дека импликациите не се само регионални, туку и глобални, директно засегајќи ги политичките, економските и безбедносните односи. Денеска, повеќе од било кога, важно е да го демонстрираме нашето транс-атлантско единство меѓу нас сојузниците, заедно со партнерите. Нашата држава дава целосна поддршка на напорите и конкретните дипломатски активности за воспоставување праведен и одржлив мир, нагласи Муцунски.

Според него, во услови на новата реалност Европа мора да преземе поголема одговорност вклучително и за овој регион, а и самиот регион да го даде својот дел за стабилноста и просперитетот.

-Како одговорна Влада целосно ја разбираме потребата дека Европа мора да преземе поголема одговорност вклучително и за овој регион. Сметам дека ние во Западен Балкан мора да покажеме поголема свесност и да ја разбереме новата реалност. Тоа подразбира соодветно да придонесеме за таа нова реалност и да го дадеме нашиот дел. За нас е особено значајно што НАТО и ЕУ го препознаваат стратешкото значење на овој регион, и го поздравуваме зголеменото присуство на двете значајни организации во напорите да се осигура натамошната стабилност и просперитет на регионот. Неодамнешната посета на Генералниот секретар на НАТО, заедно со членовите на Северно-атлантскиот совет на БиХ и на силите на КФОР на Косово, е јасна демонстрација на оваа посветеност и заложбите за стабилност и безбедност. Верувам дека имаме заедничка одговорност да се справиме со злонамерните активности чија цел е да продуцираат нестабилност и да го отргнат регионот од неговиот европски и евроатланстки пат, кажа Муцунски.

Според него, денеска повеќе од кога било потребна е јасна и одржлива стратегија за остварливи европски и евроатлантски поерспективи кои ќе бидат преточени во интеграција. 

-Процесот на интеграција се докажа како најдобра алатка за подобрување на безбедноста, постигнување на одржлива стабилност и затворање на вакумот за дестабилизирачки влијанија. Ние од наша страна целосно сме посветени заедно да работиме со сојузниците во НАТО и партнерите од ЕУ во зајакнување на отпорноста на нашите општества. Свесни сме за тежината на самите предизвици но сме и одлучни да ги исполниме нашите стратешки цели. Наша цел ќе биде целосно да придонесеме во заедничките напори за одбрана на приодобивките и вредностите со кои сме обврзани со самото членство во НАТО. Наша должност е да обезбедиме подобра и попросперитетна иднина за генерации кои доаѓаат, порача министерот Муцунски.

На работниот состанок посветен на петгодишнината од полноправното членство во НАТО, се обрати и заменик-министерката за одбрана Елефет Исмаили. Ова достигнување, нагласи меѓу другото таа, беше резултат на континуираните напори за реформи во областа на одбраната, безбедноста, но и за демократијата, и тоа не е само гаранција за нашата безбедност, туку и можност да придонесеме за регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.

-Сега стоиме покрај нашите сојузници како доверлив и посветен партнер. Денеска го одбележуваме овој историски ден и напредуваме со гордост и одговорност со сите наши сојузници, рече Исмаили. 

На Самитот на НАТО во Брисел, 11-12 јули 2018 година Северноатлантскиот совет, на состанок на ниво на шефови на држави и влади, донесе одлука да ја покани Република Северна Македонија да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата.  На 18 и 19 октомври 2018 година, на состанокот одржан во седиштето на НАТО во Брисел земјава успешно ги заврши пристапните разговори за членство, а на 6 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји – членки на Алијансата во присуство на тогашниот генерален секретар на НАТО и поранешниот министер за надворешни работи го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата.

По свечената церемонија во Брисел, започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на сите 29 земји членки на Алијансата. Процедурата за ратификација на Пристапниот протокол беше финализирана на 19 март 2020 година, кога амбасадорот на Кралството Шпанија во Вашингтон, го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на претседателот на државата.

На 27 март 2020 година, преку македонската Амбасада во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што земјава и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата.