„Мртва“ жена ја најдоа жива како дише во ковчегот
Ожалостените при бдеењето за една постара жена од Еквадор беа вџашени кога открија дека таа сè уште е жива.
Болничкиот лекар во градот Бабахојо ја прогласил Бела Монтоја (76) за мртва по сомнителен мозочен удар. Таа беше ставена во ковчег и однесена во погребален салон, каде роднините бдееле пред нејзиниот планиран погреб.
Кога по речиси пет часа го отвориле ковчегот за да ја пресоблечат пред погребот, жената здивнала за воздух.
„Мајка ми почна да ја движи левата рака, да ги отвора очите, устата; се бореше да дише“, го опишал нејзиниот син Гилберт Балберан моментот кога сфатил дека неговата мајка е сè уште жива.
Видеото снимено од еден од ужалените ја покажува како лежи во отворен ковчег и се бори да дише, додека друг се жали дека брзата помош што ја повикале сѐ уште не пристигнала.
Неколку минути подоцна, пожарникарите пристигнуваат и ја креваат Бела Монтоја од ковчегот на носилки и ја враќаат во истата болница каде што била прогласена за мртва.
Нејзиниот син изјави за еквадорските медиуми дека е на интензивна нега, но реагира.
„Мајка ми е на кислород, нејзиното срце е стабилно. Докторот и ја штипна раката и таа реагираше, ми велат дека тоа е добро затоа што тоа значи дека реагира малку по малку“, ја цитира весникот Ел Универзо.
Министерството за здравство на Еквадор формираше комисија која ќе го истражи инцидентот.
Балберан рече дека ја однел мајка му во болница околу 09,00 часот „и напладне лекар ми кажа дека [таа] умрела“.
Тој рече дека дури му била издадена потврда за смрт, во која пишувало дека таа починала од кардиопулмонален удар откако претрпела мозочен удар.
Бела Монтоја не е единствената личност која „оживеа“ откако официјално беше прогласена за мртва.
Во февруари беше откриено дека 82-годишна жена дише додека лежеше во погребално претпријатие во државата Њујорк. Таа беше прогласена за мртва три часа претходно во старски дом. (Би-Би-Си)