Можат ли најголемите стимули во историјата да ја спречат корона-депресијата во економијата


Дали државните трошења можат да ја подигнат економијата до точката во која повторно започнува да функционира слободниот пазар е тестот што сега го прават владите

 

Повеќето Американци научија на училиште дека Новиот договор (Њу дил – New Deal), сеопфатниот одговор на претседателот Френклин Делано Рузвелт на Големата депресија, претставува пресвртна точка во историјата на САД. Во текот на 90 години, прогресивните проекти и реформите собрани под оваа рубрика, ја дефинираа улогата што владата може да ја игра во општеството и начинот на кој владините трошења би можеле да се користат за борба против економските кризи. Новиот договор го постави стандардот за големите интервенции на владата. Потоа, дојде пандемијата од 2020 година.

Во изминатите неколку недели, американскиот Конгрес и Федералните резерви се подготвија да инјектираат повеќе од 6 билиони долари во американската економија. И европските влади и Европската централна банка интервенираат со илјадници милијарди евра. Норвешка, Италија, Франција и Велика Британија директно ги субвенционираат платите на приватните компании. Севкупно, овие напори ќе достигнат износ од најмалку 10 билиони долари (10 илјади милијарди долари), или четвртина од годишната економска активност во САД и Европа. Азиските држави, вклучително и Кина, Јапонија и Јужна Кореја, преземаат слични напори во еквивалентно ниво.

Со други зборови, владите трошат како да ќе има нула економско производство од сега па некаде до ова лето. Во наредните месеци, бонанцата на јавната потрошувачка ќе ги замагли линиите меѓу јавниот и приватниот сектор и ќе пренесе голем дел од глобалната економија врз билансите на владите. Вакво ниво на трошење е без преседан во историјата – дури ниту приближно. Ниту во војна. Ниту во мир. Никогаш.

Никој со сигурност не може да каже дали ваквите напори можат да ги спасат американската, европската или глобалната економија, но има причина да мислиме дека би можеле. Во секој случај, од другата страна на оваа криза, наводните закони за трошење и кредитирање на владите ќе треба да бидат одново напишани.

Непроверена теорија

На 28 мај 1934 година, британскиот економист Џон Мајнард Кејнз се состана со претседателот Рузвелт во Белата куќа. Со Новиот договор целосно отпакуван и со Рузвелтовото прифаќање на обемот на владино трошење и интервенција во економијата без преседан во мирновременски услови, некои можеби очекуваа Кејнз да го пофали американскиот претседател за спроведуваање на Кејнсовите сопствени препораки како да се избегне длабока депресија. Наместо тоа, економистот му рече на Рузвелт, генијално и со почит, дека не сторил доволно.

Неколку дена подоцна, Кејнз напиша колумна во „Њујорк Тајмс“, тврдејќи дека за да се извлечат Соединетите Држави од провалијата на Големата депресија, владата ќе мора драматично да ги зголеми трошоците и да дозволи поголеми дефицити. Но, тоа беше премногу долг мост дури и за Рузвелт, чија администрација веќе правеше повеќе од која било претходна администрација за да ја зголеми побарувачката, да создаде работни места и да ја врати довербата во економијата. Во следните пет години, нивоата на трошење останаа приближно исти, од околу 700 милијарди долари (пресметано на сегашно ниво) за целиот период. И додека Новиот договор спречувашеда се влошува падот, никогаш не го врати растот и просперитетот до нивото пред депресијата.

Критичарите укажуваат на нејасни резултати од секој пакет на јавно трошење и тврдат дека ваквите интервенции го оштетуваат долгорочното економско здравје

Подоцна програмите за трошење на владите, некои од нив надвор од Соединетите Држави, беа исто толку амбициозни, а понекогаш и повеќе. После Втората светска војна, Велика Британија создаде национален здравствен систем. Нордиските земји го следеа примерот на Велика Британија, а потоа тоа го стои и преостанатиот дел од Европа. Европа, исто така, инвестираше во широко јавно образование и програми за домување, делумно за да го залечи пустошот од војната, а делумно и да го спречи бранот на комунизмот. Во Соединетите Држави, програмите за големо општество на претседателот Линдон Џонсон настојуваа да го подигнат животниот стандард на сите Американци во 1960-тите. Овие програми чинеа билиони долари, но тие се спроведуваа постепено наредните децении.

Во осумдесеттите години на минатиот век, многу западни земји почнаа да ги намалуваат владините интервенции во економијата. Започнувајќи со претседателот Роналд Реган, наредните администрации на САД се обидоа да ги намалат трошоците. Истото го стори и британската премиерка Маргарет Тачер во Велика Британија. И покрај тоа, опстојуваше вербата во трошење на стимули за време на економска криза. За време на финансиската криза од 2008–2009 година, американската влада им помогна на банкарството, осигурувањето и на автомобилската индустрија со речиси 800 милијарди американски долари. Набргу потоа, одобри стимулативен пакет со сличен износ. Европските влади, под влијание на германското инсистирање за фискално штедење и со Европската централна банка со помала моќ од Федералните резерви, закрепнуваа побавно и трошеа помалку. Првичната финансиска помош на Европската унија во 2008 година изнесуваше помалку од 300 милијарди американски долари, иако таа бројка се зголеми со текот на времето со различни активности на централната банка и со мерки на одделни земји со цел да ги засилат своите економии.

Критичарите посочија на нејасни резултати на секој од пакетите на јавно трошење и тврдеа дека ваквите интервенции нанесуваат долгорочни штети на економското здравје. Повеќето економисти се согласуваат дека Новиот договор ја врати довербата на јавноста и барем делумно ја стабилизира економијата која беше во слободен пад, но има и прилично дебати дали успеал да ја извади економијата од застој. Програмите на Големото општество беа уште поконтроверзни. Тоа доведе до жестоки дебати за слободниот пазар, прво прифатени од економистот Милтон Фридман од Универзитетот во Чикаго, дека владините трошења ја одвлекоа економијата и дека е најдобро да се остави пазарот самиот да регулира. Многу конзервативци ја обвинија јавно финансираната безбедносна мрежа во Европа за намалување на растот, продуктивноста и иновациите. И стимулативните трошења во 2008 и 2009 година беа подеднакво, ако не и повеќе контроверзни, при што многу економисти поборници на слободниот пазар го напаѓаа она што го сметаа за прекумерно и непотребно трошење на владата, како една од причините за бавното темпо на евентуалното закрепнување.

Одговорот на овие критики честопати беше она што Кејнз му го рече на Рузвелт во 1934 година: владите не трошат доволно. До сега, таа теорија беше невозможно да се тестира. Владите можеа да го потрошат само она што ќе го дозволеше јавноста во нивните земји, а речиси еден век таа дозволуваше трошење помеѓу пет и десет проценти од БДП (вклучително и кредитирањето од централните банки) во која било година, без оглед на сериозноста на кризата.

Сега американската влада одобри трошење што изнесува една третина од годишниот БДП и тоа во текот на неколку месеци. Имајќи ги во предвид моменталните судири околу потенцијалната сметка од 2 билиони долари за инфраструктурата и дополнителното финансирање за директните економски стимули, вкупниот износ би можел да достигне близу до 50 отсто од годишниот БДП. Тој сооднос е повеќекратно поголем отколку што би го замислил и самиот Кејнз. Тоа претставува толку голем експеримент во хиперкејнзијанизмот што најдобрата аналогија доаѓа од воената доктрина. Артикулирана во различен степен од поранешниот министер за одбрана Каспер Вајнбергер и поранешниот претседавач на Заедничкиот штаб, Колин Пауел – доктрината за „надмоќна сила“ која сметаше дека војската, доколку е неопходно, не би се користела постепено и со воздржување, како што беше во Виетнам, туку надмоќно, како што беше во Ирак во 1991 и 2003 година. Значи, државните фондови на сличен начин се распоредени како надмоќна сила“: американската влада троши повеќе отколку што било кој сметаше дека е можно, побрзо отколку што некој сметаше дека е изводливо, обидувајќи се да ги спречи економските штети предизвикани од новиот корона вирус.

Нема назад

Дали ќе функционира? Никој не знае со сигурност, затоа што не е споредлива ниту една од претходните епизоди на големи владини расходи. Ова е експеримент во реалниот свет. Но, без оглед на исходот, нема враќање назад на старите идеолошки поделби и економски расправи за јавното трошење и позајмување. Огромниот обем на државни расходи ширум светот, најверојатно, ќе ги натера економистите да ги преиспитаат своите „закони“ за цените, пазарите и владините биланси. Кризата со корона вирусот ја сруши – барем привремено, а можеби и трајно – линијата помеѓу јавниот и приватниот сектор. Кога ќе запре целата економска активност, нема слободен пазар. Дали државните трошења можат да ја подигнат економијата до точката во која повторно започнува да функционира слободниот пазар е тестот што сега го прават владите. Она што е јасно е дека без вакво ниво на трошење, ризикот од вистински економски и социјален колапс не би можел да се занемари.

Владата на САД одобри експеримент во хипер-кејнзијанизам, толку голем што најдобрата аналогија доаѓа од воената доктрина

Меѓу економските „закони“ што ќе бидат тестирани и веројатно ќе се покажат погрешни, е дека високите нивоа на дефицитарни трошења (финансирани со печатење пари) ќе предизвикаат инфлација. Не сите, па дури ниту повеќето макроекономисти ќе се „претплатат“ на ваквиот став, но до избувнувањето на епидемијата со корона вирусот преовладуваше ортодоксност во политичкото царство. Меѓународните финансиски институции проповедаа фискална одговорност, со цел земјите со вакви трошења да не завршат со хиперинфлација како Зимбабве. Сега целиот свет одеднаш го отфрли ваквото ортодоксно гледиште.

Друго преовладувачко гледиште што најверојатно ќе падне на страна е дека прекумерното трошење на владата ќе го уништи економскиот раст и ќе доведе до нејасни, но заканувачки вишоци“. Меѓународниот монетарен фонд и Дојче Бундесбанк со децении проповедаат варијанти на оваа мантра, што објаснува зошто Германија прифатила да штеди наместо да троши во пресрет на финансиската криза од 2008–2009 година. Сега Германците трошат исто толку агресивно како било кој друг и нема причина да се помисли дека ќе престанат.

Дури и штедливите Германци бележат големи дефицити, идејата за златен сооднос помеѓу БДП на една земја и нејзиното прифатливо ниво на долг веројатно ќе биде напуштена. По последната финансиска криза, економистите заклучија дека односот долг – БДП од над 60 проценти ќе ја направи земјата помалку отпорна во однос на економските шокови. И колку е поголем соодносот, толку е поголема веројатноста дека владата ќе мора да позајмува по повисока цена.

Уште пред кризата со корона вирусот, идејата за оптимален однос меѓу долгот и БДП беше доведена во прашање. Последните неколку години пред пандемијата Јапонија позајмуваше многу повеќе од најголемиот број развиени земји, а соодносот долг – БДП изнесуваше речиси 230 проценти, додека соодносот на Соединетите Држави беше околу 110 проценти. Но, јапонските каматни стапки и инфлацијата останаа стабилни, па дури и малку паднаа – токму спротивно од предвидувањата на традиционалните економски модели. Наскоро, Јапонија ќе биде правило, а не исклучок, а нејзината пред-коронавирусна позиција всушност може да биде добра за земјите што ги следат нејзините чекори: бележи анемичен раст, но има економска стабилност, ниска инфлација и широко распространето богатство.

Ако големото задолжување и трошење ги прават земјите повеќе како Јапонија отколку како Зимбабве, постои причина за оптимизам. Но, тоа е најдоброто сценарио. Лесно е да се замислат помрачните. Само трошењето на владите на неодредено време не може да го заземе местото на економската активност во реалниот свет, иако може да биде смирувачко на краток рок.

Големите социјални теории речиси никогаш не се тестираа во реалниот свет. Денеска да. Како резултат на пандемијата, владите трошат прекумерно за да го спречат економскиот колапс. Нејасно е дали ќе функционира овој грандиозен експеримент. Но, она што е јасно е дека ништо друго нема. (Форин афеарс)