Моралните оставки и неморалните прозивки

Неопходна е воздржаност и достоинство во вакви ситуации да не се подлегнува на тревогите на неморални луѓе кои бараат морална одговорност и кога таа е поднесена


Ужасната трагедија во Тетово, во која загинаа 14 луѓе кои се лечеа од корона вирусот во модуларната болница и истрагата за причините зошто тоа се случи уште додека траат деновите на жалост станаа помалку значајна тема од оставката на министерот Венко Филипче, како и за оставките на заменикот министер и директорите на клиниката во Тетово. Создавањето на таков амбиент во земјата открива и други мотиви кои не се поврзани со сочувството на загинатите и унесреќените семејства. Лесно е препознатлива срамната манипулација на трагедијата која излегува од рамките на барањата за морална и кривична одговорност за големата несреќа вообичени во вакви ситуации секаде во демократскиот свет.

Значи, тука не станува збор за тоа дали опозицијата, медиумите, невладините организации, јавни личности и граѓаните треба или не треба да бараат одговорност и оставки за она што се случи во Тетово. Тоа е сосема разбирливо и неопходно. Мора да се понесе секаква одговорност. Не може ваква несреќа, како и многу други во Македонија, да заврши без ничија одговорност. Меѓутоа, кога морализираат неморални јавни личности и политички партии кои немаат никаков квалификатив на објективност во своето досегашно дејствување, чии мотиви воопшто не се ниту загинатите луѓе ниту нивните семејства, туку партиски и предизборни интереси, тогаш веќе изнесените оценки за лешинарење и политичка некрофилија се сосема точни.

Нема да се повикувам на епилогот на поранешните несреќи и трагедии кои се случувале во Македонија и кои се веќе посочени во медиумите, бидејќи не може да биде оправдување ако некогаш не се постапувало како треба, дека и сега треба да важи тоа правило. Неморалот и неетичноста во политиката, во деловниот свет, во медиумите, на социјалните мрежи во нашето секојдневие толку е присутен што дури се смета за успех и способност, се додека не се случи некоја голема несреќа. Тогаш големите моралисти, редовни учесници и креатори на сиот тој неморал во кој живееме со години, ламентираат јавно и бараат оставки и одговорност. Како паѓаат оставките така според нивните критериуми што е морал и етика секој ден го зголемуваат списокот на личностите што треба да заминат, одредувајќи многу експертски што е пишана, што е понудена, а што неотповиклива оставка. Во суштина мерката за морална одговорност е премиерот и целата влада да поднесе оставка и да се олесни работата за преземање на власта. А луѓето што ги загубија животите и нивните семејства, ќе бидат многу бргу заборавени како и во сите случаи досега.

И да бидам сосема конкретен, министерот Венко Филипче и неговите соработници додека ја менаџираат војната со пандемијата треба да останат на своите функции, се разбира ако таа заврши пред следните парламентарни избори кога гласачите ќе одлучуваат кој ќе формира влада. А што се однесува до менаџирањето на д-р Филипче на донациите на органи од починати и на операциите за пресадувања на срце и други витални органи веќе требаше и на него и на тимовите кои ги извршија овие сложени операции, да им се даде највисоко државно признание за заслуги во една од најхуманите и најуспешни дострели во медицината кај нас.

Неопходна е воздржаност и достоинство во вакви ситуации да не се подлегнува на тревогите на  неморални луѓе кои бараат морална одговорност и кога таа е поднесена.