Монументалниот витраж „Подем“ на Борко Лазески ќе биде реставриран и поставен на нова локација во септември

Случајот го отвори и прашањето за грижата кон монументалните уметнички дела во јавниот простор


Монументалниот витраж „Подем“ на македонскиот уметник Борко Лазески од 1971 година од септември ќе добие нов дом, во новиот објект на „Стопанска банка“, во центарот на Скопје. По соодветна реставрација ќе биде повторно поставен таму, планот е тоа да се реализира во текот на летото, а во септември да се организира и свечено отворање, добила уверување од банката, ќерката на Лазески, Росица. Витражот, кое е едно маестрално уметничко дело, со децении беше еден од препознатливите уметнички симболи во ентериерот на Стопанска банка во ГТЦ, а по преселбата ќе добие уште поголемо и соодветно место.

На 16 јуни, денот кога се одбележуваше 33-годишнината од смртта на еден од најеминентните македонски уметници, Борко Лазески,  првиот директор на Уметничката галерија во Скопје која денес е позната како Национална галерија на Македонија, профилот „Мелеем“ го актуализираше прашањето каде се наоѓа сега витражот, а во потрагата се вклучи и Росица Лазеска, ќерка на уметникот.

„Од Стопанска банка ми потврдија дека витражот е внимателно демонтиран и во моментов е безбедно складиран во нивните простории. Веќе е предвидено место за него во новиот објект, а по соодветна реставрација ќе биде повторно поставен таму. Според информациите што ги добив, планот е тоа да се реализира во текот на летото, а во септември да се организира и свечено отворање, пишува Лазеска во коментар на профилот на Мелеем.

Лазеска потсети дека витражот во минатото бил повеќепати оштетуван и реставриран, при што на одредени панели биле забележани и по повеќе скршени стакла. Поради специфичната техника на изработка со оловни споеви, секое преместување претставува сложен и чувствителен процес.

Случајот го отвори и прашањето за грижата кон монументалните уметнички дела во јавниот простор. Според Росица Лазеска, витражот „Подем“ заслужува не само соодветна заштита, туку и видливост, како и информативна поставка што ќе ја доближи неговата историја и значење до посетителите. Инаку, Борко Лазески се смета за еден од најзначајните македонски монументални уметници, а зад себе оставил над илјада квадратни метри фрески, витражи и мозаици кои и денес претставуваат значаен дел од македонското културно наследство.

Кој е Борко Лазески?

Исклучително умешен во сликарството, илустрацијата, фрескоживописот, мозаикот, монументалните ѕидни композиции, витражот и многу други ликовни дисциплини, Лазески и ден-денес има силно влијание на македонската ликовна сцена.

Првата голема нарачка во монументалното сликарство, Лазески ја добива во 1950 година, кога изработува патриотска композиција посветена на Илинденското востание во Домот на ЈНА во Скопје.

По успехот на ова дело, во 1951 година започнува работа на своето најамбициозно остварување од тој период – монументалната фреска „Народноослободителна војска“ (НОВ) во холот на Железничката станица во Скопје, за многумина негово животно дело и своевидна „македонска Герника“.

Долга 45 метри, оваа композиција претставувала еден од најголемите ѕидни живописи во тогашна Југославија. Оваа фреска му ја донела Сојузната награда 4 јули за животно дело.

Композицијата за Илинден ја создадал во духот на социјалистичкиот реализам, додека фреската „НОВ“ претставувала јасен чекор кон модернизмот, кој во тоа време сè повеќе се прифаќал во југословенската уметност.
Фото: Борко Лазески – биобилиографија, Прилеп, 2009

Работата на проектот траела пет години, а во меѓувреме Лазески реализирал и други значајни дела, меѓу кои мозаикот во Сливово кај Охрид од 1954 година и мозаикот „Стражар на татковината“ во Домот на ЈНА во Скопје од 1955 година.

По завршувањето на фреската во 1956 година, Лазески станува едно од најпознатите имиња на југословенската ликовна сцена. Набргу потоа заминува во Багдад, Ирак, каде речиси десет години предава на Академијата за уметност.

За жал, токму додека престојува во Багдад, Скопје е погодено од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Освен човечките жртви и огромната материјална штета, уништени се и објекти во кои се наоѓале некои од неговите најзначајни рани дела, меѓу нив старата железничката станица и Домот на ЈНА.

По неколку обиди да се обнови монументалната фреска за Илинден, во 1991 година, Лазески ја реизведува фреската според оригиналните шеми, во Хотелот „Монтана“ во Крушево каде се наоѓа и денес.

 
 

Неговата приказна, за жал е приказна за загуба. Освен делата уништени во земјотресот од 1963 година, во пожарот во 2013 година исчезнаа и неговите монументални мурали во шалтер-салата на Поштата во Скопје.

Овие фрески сведочеа за умешноста на Лазески во комбинирањето на модерното со историското. Тоа беа големи кубистички дела со мотиви од Народноослободителната борба во Македонија. Шалтер салата на поштата во Скопје изгоре неосигурена, а заедно со неа исчезнаа и петте големи кубистички фрески.

Фреските беа од непроценлива вредност и беа создадени во 1981 година. Првиот македонски посткубист го карактеризираат динамични искршени линии, а носечки мотиви му се сцени од Втората светска војна. Големиот уништен мурал беше направен од техника акрил, го сочинуваа пет круга од по пет квадратни метри. ⁣⁣

Творештво посветено на витражот

По 1969 година, Лазески започнува ново поглавје во своето творештво, посветено на витражот. Во 1971 година го создава монументалниот апстрактен витраж „Подем“ (нарекуван и „Занес“) на фасадата на Стопанска банка во Скопје во Градскиот трговски центар. Ова е првиот витраж од ваков вид во Македонија и претставува значаен момент во развојот на оваа уметност.

 
 
Фото: Борко Лазески – биобилиографија, Прилеп, 2009

Потоа, меѓу 1972 и 1975 година, ги реализира своите најпознати витражни композиции – четирите големи тавански витражи во споменикот „Илинден“, попознат како „Македониум“, во Крушево.

Во текот на доцните 1970-ти години создава и други значајни витражи во Скопје, меѓу кои и во Македонската академија на науките и уметностите и во Народната банка.

Лазески се разочарал од Академијата

Лазески е роден во Прилеп во 1917 година. Уште од најрана возраст покажувал извонреден талент за цртање и сликање. По препорака на неговиот учител Велебит Рендиќ, родителите Марија и Никола го запишале во уметничко училиште во Белград. Од 1933 година учел и постигнувал одлични резултати, но стилот на социјалистичкиот реализам, кој тогаш го застапувале многу професори, го чувствувал како ограничување за својата креативност.

Истовремено бил привлечен и од модернистичките тенденции што се развивале во европската уметност, но и од богатото византиско наследство на Македонија. Токму спојот на овие влијанија ќе стане препознатлив во неговите рани дела.

Непосредно пред почетокот на војната во Југославија, во 1941 година, Лазески се префрил од Белградскиот универзитет на Државната академија за уметност во Софија, каде што посетувал настава кај професорот Никола Ганушев. Но, строгите академски правила и уметничкиот конформизам уште повеќе го разочарале, па во 1943 година се враќа во Југославија и им се приклучил на партизанските единици во борбата против фашизмот.

 
 
Фото: Борко Лазески – биобилиографија, Прилеп, 2009

 

По завршувањето на Втората светска војна, во 1945 година, заминал во Париз на усовршување во Националната висока школа за ликовни уметности. Таму се запознал со најновите правци во модерната уметност, кои силно влијаат врз неговото творештво. Тој изучувал и техника на изработка на витражи, а посетувал и курс по сликарство кај прочуениот француски кубист Андре Лот, чие влијание ќе стане трајно присутно во неговиот препознатлив ликовен израз.

Првиот директор на скопската Уметничка галерија

Лазески по 1948 година предавал ликовна уметност.  Тој активно се занимавал со педагошка дејност, а официјално станал професор на Педагошката академија во 1957 година. Тој бил и првиот (в.д.) директор на Уметничката галерија во Скопје, која денес е позната како Национална галерија на Македонија.

Фото: Борко Лазески – биобилиографија, Прилеп, 2009

Творечкиот пат на Борко Лазески е приказна за постојано истражување, создавање и воведување нови уметнички идеи во македонската и југословенската уметност. Тој бил искрен вљубеник во јавната уметност и верувал дека уметноста треба да биде достапна за сите луѓе, токму затоа најголем дел од неговите дела се поставени во јавни простори.

Денес Борко Лазески се смета за еден од најиновативните и најсмелите македонски уметници. Неговото творештво остави длабока трага врз генерации ликовни автори, а неговото наследство останува важен дел од културната меморија на Македонија. Во 2018 година, во Националната галерија во Скопје беше организирана голема ретроспективна изложба посветена на неговиот живот и творештво, како признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската уметност.