МОН со препорака за учениците и родителите да не читаат многу вести за несреќата


Фото: Б. Грданоски

Министерството за образование и наука вчера испрати три документи со насоки до средните и основните училишта, кои содржат насоки за училиштата и наставниците, за родителите, и насоки за водење час по трагедијата во Кочани.

Во насоките за училиштата, наставниците и стручните соработници, меѓу другото, се препорачува да се избегнуваат генерализации и претпазливо да се интерпретира настанот, да се зборува со учениците.

„Станува збор за изолиран несреќен случај кој ако се генерализира, може да шири страв и чувство на несигурност кај учениците“, пишува во препораките за училиштата, наставниците и стручните соработници.

Во насоките понатаму се вели дека наставата треба да продолжи и дека училиштата се безбедни средини за учениците.

„Надвор од училиштето, тие може да бидат оставени сами без поддршка и под влијание на негативни вести што доаѓаат од медиумите“, велат од МОН.

На наставниците исто така им се препорачува да одвојат време за разговор со учениците за несреќата ако имаат потреба.

„Избегнувајте тестови и испрашувања, споделувајте со нив проверени информации“, се вели понатаму во насоките.

Насоки за тоа како да се однесуваат дома со своите деца добија и родителите. Во нив се вели дека треба да ги убедат децата дека се безбедни кажувајќи им дека се на сигурно и дека „службите работат за да се справат со ситуацијата“.

„За децата е важно да знаат дека се на сигурно и дека постојат работи кои ги прават и со кои можат сами да си помогнат, тоа може да ги направи нивните емоционални реакции помалку интензивни“, пишува во насоките за родителите.

Понатаму наведено е дека родителите треба да го ограничат времето поминато со вести за настанот и да внимаваат на информациите кои ги споделуваат на социјалните мрежи.

„Постојаното изложување на медиумски содржини може да ги зголеми вашите грижи и стравови. Споделувањето на информации може да придонесе кон нејаснотии или ширење на непроверени податоци што може да направат штета“, се вели во насоките од МОН за родителите со препорака да се придржуваат до потврдени информации од релевантни извори.

Инаку, во училиштата ширум земјава, денеска немаше тестови и испрашувања, а во некои наставници не предаваа од предвидениот материјал. Билјана Симоновска Антовска, директорка на училиштето „Ацо Шопов“ во Бутел вели дека денеска секој час со предметните наставници започнувал со разговор со учениците кој водел кон тоа тие да се чувствуваат безбедно и дека е нормално да зборуваат за нивните емоции.

„Овој настан ги погоди сите. Цел класен час беше наменет за разговори, секој предметен наставник со своите ученици разговараше во врска со ова. Наставниците им зборуваа на учениците да не се плашат, дека се безбедни. Имаат т.н. кутија на емоции која ја направи психологот, во која, кој сака може да напише како се чувствува. Денеска немавме писмени тестови, испрашувања. Сите тие активности, но и воннаставните активности, се одложени“, вели директорката.