МОН: Новиот закон овозможува зголемување на платите на наставниците, опозицијата го блокира
Платите на наставниците во последните четири години се зголемени за повеќе од 2.000 денари.
Со цел да се обезбеди трајна економска и правна сигурност на наставниците, МОН изготви законски измени со кои обезбедуваме континуиран раст на платите на наставниот кадар, согласно зголемувањето на минималната плата во државата. Ова законско решение повеќе од три месеци опозицијата го блокира во Собранието.
Пратениците од опозиција им должат објаснување на наставниците зошто го опструираат носењето на измените на Законот за наставници и стручни соработници и се против унапредувањето на нивниот статус а со тоа и против најдобриот интерес на учениците. Затоа што само наставници на кои им се цени трудот се посветени на наставата и на квалитетно образование на учениците.

Истото законско решение предвидува и трансформација на 4.700 работни места од определено на неопределено време, како и директно вработување на наставниците и стручните соработници на неопределено време, без да чекаат повеќе од две години со договори на определено.
Законското решение овозможува професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Воедно, за прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.
Законот, кој е блокиран во Собранието, предвидува и исплата на целосна плата за неполн неделен фонд на часови на наставниците кои ќе реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата.
Од друга страна, вчера, наставничкиот пленум најави штрајк на почетокот на учебната година, доколку платите на наставниците не се зголеми согласно поскапувањето на речиси сите производи.
Незадоволни од висината на основната плата на наставниците, од министерката за образование Мила Царовска бараат максимално да се заложи во Владата и да им излезат во пресрет на сите вработени во образованието со тоа што ќе биде обезбедено покачување на платите во новата учебна 2021/2022 година.
– На ова барање се повикуваме како резултат на растот на цените на производите кои се користат во секојдневниот живот, како и на растот на просечната плата која е многу повисока од платите на вработените во образование. Во спротивно, ние наставниците од Наставнички пленум би биле приморани да се организираме и да го покажеме јавно незадоволството, наведува Пленумот во барањето до Царовска.