Молк во Бугарија за заедничкото славење на Гоце Делчев
Според БГНЕС, само во Пиринска Македонија во целост биле реализирани демократските идеали на Делчев за самоопределување

Наспроти драмите што се случуваа изминатите години, денес во Бугарија владее молк околу таканареченото заедничко чествување на Гоце Делчев. Освен БГНЕС, кој е опседнат со историски теми, другите медиуми немаат ни најави ни анализи за пропаднатиот политички експеримент меѓу Македонија и Бугарија, кој беше злоупотребен од таа страна место да биде основа за подобрување на односите меѓу двата народа.
Затоа текстот на БГНЕС делува анахроно дури и за нивната држава, особено тврдењето дека токму во Пиринска Македонија целосно биле реализирани целите на Гоце Делчев и другите борци на ВМРО, a „срцето“ на таа историја го гледа во Благоевград, каде што има спомен обележје на семејството на Гоце Делчев.
„Од трите дела на Македонија, само нејзиниот пирински дел влезе во границите на Бугарија и сега можеме да тврдиме дека токму таму ги гледаме целосно реализирани идеалите на Гоце Делчев и на другите дејци на ВМРО. Денес, Пиринска Македонија не само што е составен дел на Бугарија, туку и нејзините жители не ги заборавија херојските борби за слободата на родната земја и паметат дека преку границата живеат нивните крвни браќа, споделувајќи ја истата историја. Во Пиринска Македонија во целост се реализирани демократските идеали за правото на самоопределување и за разлика од другите делови на историскиот регион на Македонија, на народот не му е ускратено правото на национално самоопределување. Во Благоевград – срцето на Пиринска Македонија – не само што се наоѓаат посмртните останки на таткото на Гоце Делчев, туку таму живеат и потомците на луѓето меѓу кои таа херојска природа израснала“, пишува денес БГНЕС.
Со оглед на тоа дека Делчев е роден во Егејска, а не Пиринска Македонија, додека гробот му е во Скопје, БГНЕС оди подалеку оценувајќи дека Благоевград, главниот град на Пиринска Македонија, станал „духовен наследник на некогашниот Кукуш“.
„Смртните останки на Гоце денеска се во Скопје, предадени од бугарските комунисти во 1946 година на тогашната Народна Република Македонија, под силен притисок на југословенскиот диктатор Тито и неговиот советски другар Сталин. Можеби желбата на херојот била еден ден да биде погребан меѓу своите најблиски. Моштите на апостолот имаат интересна историја и многупати биле преместени. Што ќе ни понуди иднината? Можеме само да нагаѓаме“, провоцира БГНЕС, алудирајќи дека можеби Гоце Делчев ќе се „врати“ во Бугарија.
На прашањето дали ќе има заедничко одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев рече дека – не добил покана.
„Не сме добиле покана за такво нешто. Последното беше по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година, ако не се лажам. До овој момент ние немаме покана од Република Северна Македонија заедно да го чествуваме тој ден“, изјави шефот на бугарската дипломатија.
Според бугарските медиуми, годишнината од раѓањето на Делчев во Македонија ќе биде одблежана од бугарската амбасада во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и од локални Бугари кои ќе се поколнат на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Но, тие не се дел од официјалната програма.
Бугарија на свој начин ќе ја одбележи годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Софија. На 4 февруари, во училиштето каде што учел Делчев во Бугарија, денес Воена академија „Г.С. Раковски“ во Софија, ќе се одржи свечен концерт со класична музика и поезија. Настанот го организира Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“ од Бугарија, под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев.
Во 2017 и 2019 година тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов заедно положија цвеќе на гробот на Делчев. Последното заедничко чествување беше во 2022 година, на министерско ниво. Во 2023 година, во време кога односите меѓу Бугарија и Македонија дополнително се затегнаа, тогашниот бугарски вицепремиер Иван Демерџиев положи цвеќе на гробот на Делчев, но не во присуство на македонските колеги. Тој реагираше што поради технички проблем на македонскиот граничен премин голем број Бугари беа оневозможени навреме да дојдат во Скопје. Практично, Софија ја сфати пораката дека Македонија нема да дозволува повеќе политички провокации околку овој настан.
На прашањето – можно ли е повторно да има тензии меѓу двете земји, како за време на чествувањето во 2023 година, Георгиев изрази надеж дека такво нешто нема да се случи.
„Што да кажам, тоа ќе биде лакмус за зрелоста, за тоа, до каков степен го осмислуваме своето присуство во Европа, но не само физички, туку и како вредности и разбирање што носи Европската унија. Јас се надевам дека нема да станеме сведоци на такви сцени, туку напротив. Ние секогаш сме кажувале – историјата треба да нѐ обединува, не да црта линии меѓу нас”, рече Георгиев.
Запрашан дали Софија ќе ја промени позицијата, со оглед на ставот на македонскиот премиер дека Бугарите нема да бидат внесени во Уставот без јасни гаранции од ЕУ, Георгиев рече дека тоа не е билатерално прашање.
„Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот француски предлог, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски кои што далеку го надминуваат билатералниот спор. Тука зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Така што, ако обврските не бидат испочитувани, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ“, изјави Георгиев во интервјуто за БТВ.
Тој односите меѓу Софија и Скопје со еден збор тој ги опиша како „специфични“, а на прашањето дали се „специфично студени“, посочи дека „температурата се мери со секој следен настан кој би можел во една насока да ги потпомогне билатералните односи, или да ги влоши”.
„Јас се надевам дека сме стигнале степен на зрелост во кој ќе се осознаваме дека доброто меѓусоседство е залог за успешна иднина и просперитет на цел регион. Сметам дека нема држава која повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан и тоа не го кажувам само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година со претседателството, туку во многу поширок контекст. Ние, искрено, се радуваме дека Република Северна Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно ќе да се радуваме и на продлабочување на евроинтеграциите, но со почитување на бараните критериуми“, рече Георгиев.
Последен пат бугарско-македонскиот спор еруптираше околу Коридорот 8, што сепак е некаков прогрес од времето кога се каравме за историја, иако за ваквиот молк се пресудни две работи – нестабилната политичка ситуација во Бугарија и настојувањето да не брануваат бидејќи виси исполнувањето на условот на ЕУ во Македонија – ставање на Бугарите во уставот.