Илијана Јотова: Нема нови барања, само исполнување на преговарачката рамка


 

Бугарската шефица на државата денеска излезе со свое видување за вчерашните разговори со македонската претседателка и тврдеше дека Бугарија не поставува нови услови за Македонија освен веќе преземените обврски кон Европската унија.

Надвор од овие официјални соопштенија Гордана Сиљановска-Давкова по средбата таа рече дека „уставните измени не биле единствениот услов за тргање на ветото за почеток на преговори на земјава со ЕУ, туку Бугарите имаат и услови поврзани со протоколите поврзани со историската комисија“. 

Јотова попладнево изјави дека Софија го кажала својот став многу пати. „Бугарија сто пати кажа дека не сака ништо повеќе од преговарачката рамка, која и тие ја потпишаа“, рече таа.

Јотова нагласи дека разговорот повеќе не е за бугарскиот или европскиот консензус, туку за конкретни ангажмани со Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ.

„Постои договор помеѓу Северна Македонија како кандидат за член на ЕУ и Европската унија. Според тоа, Северна Македонија презеде обврски и мора да ги исполни“, подвлече Јотова.

Таа посочи дека меѓу овие обврски е вклучувањето на Бугарите во уставот на земјата, како и исполнувањето на преговарачката рамка, која го вклучува Договорот за добрососедство и протоколите кон него.

Јотова ја дефинираше како изненадувачка изјавата дека договорите биле потпишани од претходната македонска влада и затоа не ја обврзуваат сегашната администрација во Скопјe.

„За прв пат во целата моја пракса и политичка кариера, наидувам на таква изјава дека овој договор е потпишан од претходната влада и од претходниот политичар. Дека тој воопшто не важи за нив“, рече таа.

Според Јотова, секој меѓународен договор е потпишан во име на државата и потписот под него има потребна тежина.

„Доколку новата влада одлучи да направи нешто друго и во поинаква насока, тоа е целосно нивна одговорност. Впрочем, Бугарија е земја-членка на Европската Унија и ние  чекаме таа да ги исполни своите обврски“, подвлече Јотова.

На прашањето на кој јазик разговарала со претседателката Гордана Силановска-Давкова, откако таа претпочиташе англиски јазик во разговорот со бугарските новинари, Јотова одговори: „Очигледно, мене ме разбирала внатре за време на средбата. Не знам зошто не ве разбирала вас“. Според Јотова, за време на разговорот немало проблеми во комуникацијата.