Молк од Беса  по одлуката за Желино


Предлогот на Беса излегува од тоа што е договорено со Рамковниот договор (Фото: Б. Грданоски)

Од владејачката партија Беса нема никаква реакција по одлуката на Управниот суд да нема прегласување во Желино. Како што е познато, на локалните избори кандидатот за градоначалник на Беса со тесна разлика го победи противникот од ДУИ, па помалата партија во власта му замери на поголемиот партнер дека сака да им ја украде победата преку злоупотреба на институциите. Нејасно е дали, по одлуката на Судот, Беса се уште опстојува на ставот да се изгласа недоверба на оваа влада од која дел се и самите, со цел ДУИ да замине во опозиција.

Ниту партискиот лидер и тетовски градоначалник Биљал Касами, ниту генералниот секретар и министер за земјоделство Аријанит Хоџа, не одговараат дали нивните пратеници ќе гласаат за недоверба на владата во четврток, откако судски го сочуваа Желино.

Ситуацијата се искомплицира откако пратеникот на опозициската Алтернатива Скендер Реџепи-Зејд го повлече потписот поради Левица, со што практично новопромовираното мнозинство го нема клучниот 61 пратеник.

Како ќе се постави Алтернатива ќе зависи од дискусиите во партиското раководство во текот на денешниот и утрешниот ден, додека во Беса владее целосен молк после новиот развој на настаните.