Моделот од зоните може да се примени во целата држава: Интервју со Јован Деспотовски

Факт е дека моделот дава резултати. Да се фокусираме на средни и големи компании и да го направиме истото и надвор од зоните, вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ 


Јован Деспотовски (Фото: Б.Грданоски)

 

Прашањето за странски директни инвестиции е секогаш жешка тема во нашата земја – ги има ли доволно, како Македонија да се стави на нивната мапа, дали инвеститорите се сериозни или пак, се дојдени тука пред се заради ниско платените работни места… Звучи неверојатно податокот дека околу 30 компании колку што ги има во зоните и 16 илјади вработени во нив, учествуваат во формирањето на Домашниот бруто-прозивод со шест до осум отсто и со половина од вкупниот извоз. Зошто е така и може ли искуството од зоните да се пренесе и надвор од нив? Јован Деспотовски, Директор на Дирекцијата за Технолошко индустриски зони -ТИРЗ, е човекот кој ги има одговорите на овие, но и на многу други прашања. Разговорот со него го договаравме уште пред десетина дена, во меѓувреме Државниот завод за ревизија објави извештај за работењето на ТИРЗ во изминатите шест-седум години, па неминовно се наметнаа и прашања за ефектите на државната помош, транспарентноста…

 

Господине Деспотовски, Државниот завод за ревизија деновиве објави извештај за работењето на ТИРЗ во кој посочува дека странските инвестиции во ТИРЗ имаат позитивно влијание за стопанството во земјава, но нотираат и одредени забелешки. Како ги коментирате наодите на ревизорите? 

 Добро е што после десет години државните ревизори влегоа во Дирекцијата на ТИРЗ, за да се направи пресек на работењето. Не ми е познато зошто тоа не било направено и претходно, дали не им било интересно или од други причини. Втората многу важна работа е што немаше никакви сериозни негативни наоди. Не зборуваме за недостатоци, нив ги има секаде, туку за злоупотреби, што за мене како раководител на институцијата е важно, иако сум најмалку засегнат, само за минатата година, а ревизијата отиде од 2015 година, значи за период од седум години. За дел од наодите во извештајот има и наш одговор, кој што е долг, меѓутоа не инсистиравме да се стави во самиот текст на извештајот затоа што разбирањата на ревизорите се едно, а разбирањето на нас што го работиме во пракса за некои работи е малку поинаку. 

Таму има неколку работи што се битни, кои што дел од медиумите ги „фатија“, како тоа дека кон странските инвеститори во последните 4-5 години се исплатиле 75 милиони евра, што не е ново бидејќи тие бројки ги објавуваме со годишните извештаи. Ние воведовме практика да направиме годишен пресек, колку е исплатено, а колку е примено назад во буџетот. Во претходните годините тоа не се правело. Веројатно треба време нашата транспарентност да фати корен. 

 

Една од забелешките е дека нема оцена за ефикасноста на доделената државна помош за компаниите во зоните. Што прави Дирекцијата на ТИРЗ за да се смени ова? 

 Ова е сериозен наод, но она што беше интересно е дека ревизорите констатираат дека мерки и програми имаат ефект. Кај сегментот мерење на ефектите, ние минатата година воведовме пракса со која што мериме колку е дадено од наша странаспоред официјални податоци како завршни сметки и сл, а колку компаниите придонеле назад, преку придонеси, данок… Минатата година бевме во сериозен плус, така што од тој аспект државата е секако во сериозен плус. 

Ако во периодот 2017 – 2021 година се дадени 75 милиони евра, дел како ослободувања, дел во вид на државна помош, само минатата година имаше уплати во Буџетот во вид на придонеси, персоналец, значи без данок на добивка, некаде околу 2 милијарди денари или 32-33 милиони евра. Така, само лани сме имале околу 45 отсто уплата во однос на сѐ што е исплатено во изминатите пет години. Ако собереме сѐ што е реализирано во петте години, соодносот е еден спрема два, или еден спрема три. 

Кога дојдов во Дирекцијата на ТИРЗ немаше процена на ефектите што инвестицијата ќе ја носи за државата. Била основна, во смисла „носат 15 милиони евра инвестиција и вработуваат илјада луѓе“. Ние рековме „Не“, 15 милиони инвестиција не значи ништо. Зошто? Затоа што вложува во објект, во технологија, но тие не се на државата, на граѓаните, туку се нивни. Треба да се види структура на работна сила, колкави ќе бидат платите, динамика на раст на плати… Значи, колку ќе и се врати на државата и граѓаните и кога. Тие елементи недостигаа. 

 

Добро е што после десет години државните ревизори влегоа во Дирекцијата на ТИРЗ, за да се направи пресек на работењето. Втората важна работа е што немаше никакви негативни наоди за направени злоупотреби: Јован Деспотовски

Што е променето во изминатава година на тој план? 

Ние воведовме едноставна ексел табела. На потенцијалните инвеститори по првичниот разговор им велиме да испратат писмо за намери за да почне постапката, како и да ни дадат ексел табела во која има неколку параметри: колкава е инвестицијата по години, во технологија, во градба… Акцент ставаме на технологијата бидејќи циглите и бетонот не носат пари. Потоа, приходите во наредните десет години, добивката која што ја проектираат, затоа што дел ќе се ослободи, но дел ќе се плати, број и структура на работна сила, бруто плата во првата година, бруто плата до година десет за да видиме дали има динамика на раст и да пресметаме колку ќе бидат придонесите во буџетот. Затоа што од данокот на добивка, придонесите и персоналецот и пакетот што ќе го понудиме, гледаме во кој момент ќе биде точката на прекршување, односно кога државата преку овие инструменти ќе дојде на нула. 

Има инвестиции кои што на прв поглед изгледаат многу интересно. На пример, некој вели ќе инвестира 50 милиони евра и ќе вработи три илјади луѓе. Но, кога ќе ја направите математиката и ќе сфатите дека врз основа на тоа што тие очекуваат како поддршка, државата ќе дојде на нула во годината 17. Дилемата е, во ред, но кога би биле инвестициски фонд, би ги дале ли парите? 

Од друга страна, има инвестиции кои што почнуваат скромно, но имаат многу добар приход, особено дејностите на 21. век, информатичко комуникациските технологии кои генерираат огромни приходи и добивка, ангажираат луѓе и плаќаат многу. Со ваков тип на дејности таа точка е во втората или третата година. 

Ние го задржавме моментот на непредвидливост, односно факторот изненадување кој што треба да го „фрлиме“ на крај за навистина да ги донесеме тука инвеститорите и да ја затвориме зделката.  

Во извештајот се констатира и дека отсуствуваат транспарентни критериуми за определување на висина на индивидуалната помош. Колку тоа овозможува доделената помош да биде неадекватна, односно поголема од оптималната? 

Висината на државна помош не може да надмине 50% и тоа е усогласено со европските регулативи. Но, она што ние го променивме е што ги индивидуализиравме мерките според потребите на секој инвеститор. Со други зборови престанавме да бидеме предвидливи. Оти досега имаше иста шема на помош за сите, којашто е добра но нѐ прави многу предвидливи. Не спрема јавноста тука, туку спрема конкурентите надвор, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Мароко… Предвидливоста во оваа дејност е добра за домашна публика, но е лоша за државата. Во смисол, велиме ова е тоа што може да го очекувате, а соседот ќе дојде ќе рече „добро, еве уште два плус од мене“. И приказната е завршена. 

Ние го задржавме моментот на непредвидливост, односно факторот изненадување кој што треба да го „фрлиме“ на крај за навистина да ги донесеме тука инвеститорите и да ја затвориме зделката.  Со Прајсвотер направивме целосна нова методологија на доделување државна помош која што ќе ја презентираме наскоро и во која што точно е предвидено се со бодови, деловен план… На пример, за скор од нула до 50 следува основен пакет, од 51 до 70 напреден пакет, но ако е над 80 бодови, одиме во сегментот каде што може да фрлиме џокер“ – односно одредени мерки. Но, за да се користи одреден пакет, во скорот треба токму во тој сегмент компанијата да има јака страна. На пример, ако се платите супер да се зголеми помошта за креирање работни места. Ако носи технолошки напредок, наместо десет отсто поврат, да дадеме 12, 15 проценти. Ние им ги објаснивме овие мерки на ревизорите, но нивното објаснување е дека ревизијата се однесува на периодот до 31.12. 

 

Која е разликата меѓу поддршката што се дава сега во однос на порано? Има тврдења дека сега поддршката на странските инвестиции ја чини државата повеќе отколку порано? 

Не е точно, не може да ја чини државата повеќе затоа што рамковната регулатива е иста како и порано и е усогласена со ЕУ. Има воведено правила на игра. Тоа е број еден. Во 2017 година со законот за финансиска поддршка, истите правила за компаниите во зоните ги овозможиме и за домашни компании. Наскоро една голема домашна компанија ќе стане наш клиент. Тоа е уште еден доказ за разликата која што е направена во однос на периодот кога исклучиво се финансираа странски компании. Фактот дека во обем се зголемуваат средствата говори нешто друго. Говори дека динамиката и обемот на инвестициите е многу поголем, за што постои и анализа која што ја направивме како една од првите работи, за да знаеме од каде почнуваме. 

Во целиот период од 2010 – 2020 обемот на инвестиции во зоните е околу една милијарда евра. Во периодот 2010-2016 се околу 600 милиони, а  2017 – 2020 се 430 милиони евра. Само во 2021 година имавме околу 190 милиони евра странски инвестиции. Тоа значи дека во периодот 2017 – 2021 ние сме веќе над 600 милиони и од таму, нормално заради сумата што е акумулирана, дека динамиката на исплата на средства е поголема. Значи, обемот на инвестиции се зголемува и нормално е дека се зголемува и поддршката. 

 

Но, компаниите добиваат и друг вид на помош, за тоа зборуваа и вицепремиерот Битиќи, министерот Бектеши… 

Тоа е преку Законот за финансиска поддршка. Елементите за кои што зборувам се кај нас во Зоните и во согласност со Законот за ТИРЗ. Не излегуваме од законската рамка. Максималните износи се поставени, јас само велам дека во рамки на тоа воведуваме правила на игра, како што е реална процена за ефектите од инвестициите 

Во моментов се водат преговори со 15 – 20 компании што ја наметнува потребата од приоретизација. На влез сите добиваат ист третман од наша страна, но дали треба да добијат иста поддршка од државата? Одговорот е не. Кај секој од нив ќе треба да направиме длабинска анализа, а тоа подразбира време и подразбира луѓе. 

Приоретизацијата е потребна поради тоа што имаме ограничени ресурси, но не финансиски. Ако исплативме за пет години 75 милиони евра, а само лани во буџетот сме инкасирале 35 милиони, финансиските средства очигледно не се проблем. Имаме ограничен број на работна сила. 

Со Прајсвотер направивме целосна нова методологија на доделување државна помош која што ќе ја презентираме наскоро, вели Деспотовски

Токму вложувањето во инфраструктурата странските инвеститори го посочуваат како еден од најголемите проблеми. Што се презема да се привлечат повеќе компании во зоните? 

Се согласувам има зони кои што се неискористени. Откако сум на оваа функција немаме вложувано во зони што се отворени од времето чисто за да се слика некој политички. Меѓутоа интензивно вложуваме во инфраструктурата во Штип, во Прилеп, во Струга, во Скопје… 

Во Штип конкретно многу брзо ќе објавиме една инвестиција која што е релативно голема, најголема во таа зона, која што ќе апсорбира добра бројка на работна сила. Во напредни разговори сме со уште една која што ќе биде најголема за државата. Ние може да апсорбираме десеткратно повеќе, има земјиште каде што може да се изгради објект. Но за таа технологија потребни се и луѓе. Не зборувам за Штип, зборувам генерално… Не се проблем само соодветните квалификации, туку бројот на луѓето. Како што кажав, има дваесетина доставени инвестициски планови и писма за намери. Ако тргнете без приоретизација, нема проблем да се склучуваат договори и веднаш да почнат да апсорбираат луѓе. Но, кога ќе дојде моментот да имаме навистина добра инвестиција по сите параметри, веќе нема да ги има потребните луѓе. 

 

Но, сега постои Отворен Балкан, пазарот на работна сила се отвора 

Отворениот Балкан е можност, но и ризик. Јас не мислам дека ние ќе зијаниме од тоа. Но, Отворен Балкан не е отворен во еден правец, туку е двонасочен. 

 

Од страна на надлежните во државата и од Дирекцијата на ТИРЗ повеќе пати сте нагласиле дека сакате да одите во одредени индустрии кои што значат повисоко ниво на технологија. Дали ги имаме ресурсите? 

Се обучуваат луѓето. Минатата година воведовме нова мерка со која ако компаниите ангажираат соодветен кадар, државата им е партнер во покривање до половина од трошоците поврзани со доедукација, обука и тн. Дел од компаниите, па и дел од новите со кои што сега потпишуваме договори, дури инсистираат таа мерка да им стои во договорот. Тоа е добро и покажува дека тој сегмент кај нив е препознаен. 

Од почетокот на годинава па до крајот на август – септември има над 320 милиони евра странски инвестиции, додека минатата година ги имаше вкупно околу 190 милиони евра. До крајот на годината имаме уште три четири што ќе ги презентираме

Колку компании работат во зоните и колку нови странски инвестиции очекувате до крајот на оваа  и во следната година? 

Имаме околу 30-35 активни клиенти. Во фаза на изградба се пет фабрики кои што имаат потпишано договор. Дел од новите веќе имаат економски активности, тие се од почетокот на минатата година, другите се компании кои што веќе биле тука и кои што направиле нов капацитет или го прошириле. 

Како износ, од почетокот на годинава па до крајот на август – септември има над 320 милиони евра странски инвестиции, додека минатата година ги имаше вкупно околу 190 милиони евра. До крајот на годината имаме уште три четири што ќе ги презентираме. Целта ни е од почетокот на 2021 година па заклучно со американско тајванската инвестиција за која сме во завршни разговори и очекуваме да биде објавена во јануари наредната година, да достигнеме некаде околу една милијарда евра инвестиции во овие четири години. 

 

За какви инвестиции станува збор, дали како и до сега се претежно од автомобилската индустрија?  

Го променивме пристапот и се отворивме кон сите индустрии за разлика од претходно. Американско тајванската компанија се електроника, Гересхајмер“, германската инвестиција од 126 милиони евра која што ја објавивме во јуни е во дејноста фармација, инвестицијата „НЕКСТ.Е.ГО за производство на електрични автомобили e.GO, иако е за електрични автомобили, таа е и во делот на електроника… 

 

Кога веќе ги спомнувате е-Го дали таа инвестиција е реална, бидејќи иста таква претходно беше презентирана и во Бугарија? 

Реална е затоа што имаат многу вложено во тоа. Таа компанија е произлезена од универзитетот во Ахен, како нивен автентичен проект. Самиот универзитет има вложено во проектот за развој, стигнале до одредена фаза, но фати пандемијата и кризата што влијаело врз реализација на плановите. Сегашниве сопственициинвестициски фонд по одредени анализи решиле следна фаза да биде целосно производство. Во принцип Германија е скапа за целосно производство за таков тип на возила, освен ако не си од големите производители, Кина не е опција бидејќи имаат свои брендови. Разгледувале неколку опции во Европа. Имаат потпишано договор и со Бугарија. Ние во принцип искористивме затоа што таму се малку спори и проектот започнува побрзо. Во Македонија инвестицијата е 130 милиони евра, ќе има околу 900 вработени. Идејата им е да направат капацитет и тука и таму, а ако можат и на уште некое место. Во моментот пазарот за електрични возила односно на БЕВ (battery electric vehicles) во светот е околу три милиони возила годишно, а се очекува да се зголеми на десет милиони, така што потенцијалот е голем.   

Ако го слушаме општиот впечаток, кризата секако се одразува во дел од компаниите во зоните, ако пак ги гледаме бројките може да кажеме дека се одразува, но не суштински.

Како ги погоди економската криза и инфлацијата фирмите во зоните? Од бројките што ги презентиравте минатиот месец излегува како за нив да не постои криза, а од друга страна тие се жалат дека имаат проблеми, како со цената на гасот, така и со цените на електрична енергија? 

Со снабдување со гас до сега немало проблеми, за жал цените се такви какви што се, иако сега се многу намалени и се стабилизирани на пониско ниво. Цената на струјата секако ги погодува. Но, иако дејноста за производство на електрична енергија не е предвидена со законот за ТИРЗ, во рамки на регулативата најдовме начин, без да ги изложуваме компаниите на опасност, да им овозможиме да постават фотоволтаици за сопствени потреби. Пет или шест компании тоа го имаат реализирано и верувам дека тоа значително ќе им ги намали трошоците. Процесот е многу едноставенрешението го добиваат за пет дена. 

Како и да е дел користат, дел не користат. Дали тоа укажува дека само дел имаат проблем, а  другите можеби немаат толку, не знам. Меѓутоа пред да изнесуваме заклучоци внимателно ги гледаме бројките. Бројките нам ни сугерираат нешто друго, дека заклучно со деветти месец извозот беше речиси на ниво на целата мината година, кој што, пак, беше најголем до сега. 

Кога во прашање би биле само цените и увозот ќе растеше со иста стапка. Меѓутоа кај нас динамиката на раст на извозот е поголема од динамиката на раст на увозот. Позитивната разлика што се создава е многу поголема од минатата година. Потоа, заклучно со септември има околу 1.600 работни места плус или околу 12 отсто повеќе од почетокот на годинава. Тоа значи дека е поголема додадената вредност.  

Факторите се повеќе, компаниите преземаат дел од проектите што ги имаат на ниво на групација во Украина, дел нови клиенти, а делумно се гледа и ефектот од инвестирањето минатата година. Секако, и вложувањето во развој на вештини кај вработените генерира поголема додадена вредност. Така што, комбинација на тие фактори, делумно плус инфлација, предизвикува да имаме сериозен раст. Реално, бројките што ги имаме се историски највисоки. Минатата година прв пат стигнавме до извоз од 3 милијарди евра, а годинава има 2,8 милијарди на крајот на третиот квартал. Тоа значи дека таа бројка веќе е надмината. Верувам дека бројот на работни места сѐ уште оди нагоре, такви се  податоците од компаниите со кои комуницираме, како и дека ќе продолжи. На пример, на крајот на 2020 во компаниите во ТИРЗ имаше нешто под 13 илјади вкупно вработени, сега сме веќе нешто под 16 илјади, значи има раст од 20 отсто. Со договорите кои веќе ги имаме постигнато, во деловните планови има над 4.500 нови работни места што треба да се креираат, а дел веќе се креираат. Така што, ако го слушаме општиот впечаток, кризата секако се одразува во поголем дел, ако пак ги гледаме бројките може да кажеме дека се одразува, но не суштински. 

Пандемијата не научи дека преголем фокус на една дејност носи ризик. Паметно е да направиме диверзификација. И ние тоа го правиме

Меѓународните институции предвидуваат дека Германија, нашиот најголем трговски партнер, неминовно ќе влезе во рецесија. Тоа ќе се одрази секако и кај нас. Дали стравувате од такво сценарио и што може да се случува во такви околности? 

Тоа е ризик. Реално е ако има криза во Германија, тоа да се одрази и кај нас, иако последните податоци за третиот квартал и кај нив се изненадувачки позитивни – раст од 0,3 отсто, а сите очекуваа дека ќе одат во минус. 

Прогнозите се едно, реалноста е друго. Цената на гасот, за моментална испорака отиде под нула, затоа што притисокот да се купува беше огромен, целта да се пополнат складиштата 80 проценти е надминат, во моментот во Германија се пополнети 94 отсто, кај Шпанија и Португалија има танкери кои чекаат на истовар, а нема каде да истоварат, бидејќи се преполни складовите… 

Кај прогнозите би бил многу внимателен, иако не велам дека не треба да игнорираме дека постојат ризици. Како пристапуваме на ризиците? Следиме неделно што се случува, а анализите ги објавуваме на месечно ниво. Сега во моментот немаме основа да кажеме дека треба да интервенираме. Другиот аспект е системски. Пандемијата не научи дека преголем фокус на една дејност носи ризик. Ние всушност добро поминавме по пандемијата заради тоа што автомобилската индустрија не отиде дополнително подолу, но ризикот беше ако се случи тој крах дека ќе имаме сериозен проблем, бидејќи кај нас 95 отсто тоа што се генерира во зоните е автомобилска индустрија. Ние велиме во ред, што е паметно да направиме тука. Паметно е да направиме диверзификација. И ние тоа го правиме. Затоа кај нас сега втората најголема инвестиција е фармација – „Гересхајмер“, која иако е германска компанија, Германија не ѝ е пазар. Компанијата еГо фактички не е автомобилска индустрија, тие се пазар што расте од три милиони возила до десет милиони. Значи пазарот ќе расте три пати во наредните десетина години. Батерии, електроника, имаме стратешки инвестиции во енергетиката, како Митиленоссо инвестиција од над 200 милиони евраДиверзификацијата ќе овозможи да бидеме порезистентни од таков тип на ризици, бидејќи светот се менува. Затоа бевме и во Берлин, да се презентираме и да видиме што се случува. Сите големи производители на возила, Стелантис, Мерцедес сите зборуваат за електрични возила, за батерии. Но, не само за возила, таму имаше сосема друг сегмент на компании кои што не развиваат седишта, менувачи, гуми туку цел сет на апликации, сето она што треба да биде заедно со возилото. Ние имавме состаноци со такви компании, затоа што тоа отвора перспектива за младите. Во Берлин имаше годишен конгрес на Automobilwoche, специјализирано списание за автомобилската индустрија, почесен говорник беше ЦЕО-то на Стелантис, а беа присутни и водечките луѓе од автомобилската индустрија. Тоа е место каде што може да се види каде оди автомобилската индустрија. Сите презентации беа поврзани со мобилност и дигитализација како иден тренд. 

 

Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, во делот за даноците стои дека „Северна Македонија се обврза да го измени својот повластен даночен режим во слободните економски зони до крајот на 2022 година, во рамките на Форумот за штетни даночни практики и напорите на ЕУ за промовирање на даночното добро владеење“. Дали со најавената даночна реформа можеби ќе има измени и во оваа сфера? 

Станува збор за дискусија од 2017 година во рамки на ОЕЦД. Во сегментот на ослободувања од данок на добивка се изземаат приходите што се остваруваат од права на интелектуална сопственост, од ИТ права кои што се генерирани на друго место. Со други зборови ќе дојде голема компанија од некаде, со развиен патент некаде и од тука продава и генерира приходи и ние го ослободуваме. Се однесува исклучиво на тоа. Тоа значи дека нашите компании тука и странските што ќе развијат продукт, услуга или било што тука, можат да генерираат приходи тука и можат да ги користат ослободувањата.  

Во оваа фаза велат само не ги ослободувајте. Поголемите се обврзаа данокот на добивка да не биде под 15 проценти. Со тоа што тука има држави пред нас како Ирска и други кои што треба први да го направат чекорот, па потоа помалите.  

Во моментот немаме такви клиенти кај нас. Тоа не значи дека не треба да се случи генерална реформа на системот во рамки на зоните, но поради наши практични потреби, не заради тоа што го бара ЕК. 

 

Треба сериозно да се размисли, мислам дека тоа е исправен концепт, територијата на Македонија да биде економска зона. Не бесцаринска, туку економска зона: Јован Деспотовски

Зошто процесот на зголемување на соработката на домашни компании со оние во зоните се одвива бавно? Каде е проблемот, кај нашите фирми што не исполнуваат стандарди, или кај странските што се размазени? 

И двете. Има делумно соработка. Ние направивме интервенција во Законот за финансиска поддршка минатата година, ги олеснивме критериумите во тој дел да може реално повеќе домашни фирми да се вклучат во тие синџири на снабдување. Имаме поддршка од ИФЦ, тие реализираат еден проект во соработка со ЕУ каде што преку посебна програма за технолошко унапредување на домашните компании да ги направиме поконкурентни. 

Не само фирмите во зоните, туку генерално треба да развиваме капацитети. Во моментов работиме на таа програма со која би можеле конкретно да им помогнеме. Ниедна странска фирма не кажала не сакаме, ниту една домашна нема кажано не сакаме. Меѓутоа, во моментот кога ќе дојде до првиот разговор, се поставува прашањето на стандардите, технологијата, луѓето , итн. За да се достигне потребното ниво компаниите велат имаме желба и подготвеност, но некој да помогне. Не треба да ги помагаме со неповратни средства , туку да им овозможиме рамка во која што и државата и комерцијалните инвеститори ќе помогнат да се подигне тоа ниво на технолошка подготвеност. Кога ќе се подигне нивото на технолошка подготвеност, ирелевантно ќе биде дали ќе снабдуваат фирми во зоните или ќе снабдуваат фирми било каде во регионот. 

На нашите фирми треба само да им се отклучи инвестицискиот потенцијал. Многу од нив се подготвени да инвестираат, но имаат практични проблеми

Колкаво е учество на компаниите во ТИРЗ во однос на домашната економија? 

Нивниот продукт учествува со шест до осум отсто во Домашниот бруто-производ (БДП) на државата и 45 до 50 отсто во вкупниот извоз. 

 

Значи триесетина компании и 16 илјади вработени имаат толку големо учество во македонската економија. Што кажува тоа за другиот дел од македонското стопанството? 

Во прашање е технологијата. Тоа го покажува и следното: дека ова што го работиме во зоните функционира, како и дека не е сѐ во финансиската поддршка. На дел им значи и им менува во деловниот план, но на кај поголем дел не. Добро е за влез, нема збор, им ги намалува трошоците на почетокот. Меѓутоа, што е поважно: добиваат уредена земја, добиваат инфраструктура, добиваат услуги – ние ги снабдуваме со гас, добиваат поддршка во комуникацијата со други институции, како на пример со Агенција за вработување и сл. Значи, моментот дека имаат брза лента до јавна услуга на централно и локално нив, плус земја, плус инфраструктура, плус енергија, кажува дека можат брзо да се развиваат. Тоа е моделот кој што не треба да функционира само во зоните.  

Влезени сме во еден процес што го финансира ЕУ на реструктурирање на јавен сектор, меѓу кои во ТИРЗ треба да се интегрираат капацитетите на Агенцијата за странски инвестиции. Некој ќе каже што ќе ви се. Многу едноставно, може да функционираме на територијата на целата држава. Идејата е тој субјект, како и да се вика, да овозможува ваков тип на услуги на сите средни и големи инвеститори без разлика дали се домашни или странски, а не ограничено само во зоните. Значи, потребна ви е државна земја, ќе ви овозможиме. Со законот за индустриски зони овозможуваме дури и на приватно земјиште ако имате, под одредени критериуми да влеземе да управуваме, што подразбира да донесеме клиенти, инфраструктурно да го поврземе, да го уредиме. Во моментов има ситуација во која дел од големите домашни фирми воопшто не го отвораат прашањето на државна помош, туку велат имаме проблем: имаат земја за која пет години молат за урбанистички план да се донесе. Заради тоа што на општината, која и да е, тоа не ѝ е приоритет. Имате цела зона кај Визбегово, тие исто дојдоа кај нас, велат направиле анализа, генерираат над половина милијарда евра извоз, а немаат канализација.  

Ако функционира моделот, зошто да се применува само на зоните. 

 

Но, тоа покажува дека на странските компании им е достапно сѐ она што го немаат домашните 

Со Законот за финансиска поддршка условите се горе долу изедначени и за странските и за домашните компании. Има уште да се работи, но можностите се исти и достапни, моментот на поддршката од страна на институцијата, инфраструктура, земја со регулирани односи, урбанистички планФакт е дека моделот постои и дава резултати. Да се фокусираме на средни и големи компании и да се увериме дека истово ова што постои во зоните може да го направиме и надвор од нив. 

На нашите фирми треба само да им се отклучи инвестицискиот потенцијал. Многу од нив се подготвени да инвестираат, но имаат практични проблеми – струја, канализација, енергија, агенција за ова, агенција за она. Велиме дојдете тука, ние ќе се расправаме за вас. И тоа не е бесплатно, но тие се подготвени да платат, немаат проблем со тоа. Тоа е концепт на економска зона. Треба сериозно да се размисли, мислам дека тоа е исправен концепт, територијата на Македонија да биде економска зона. Не бесцаринска, туку економска зона.