Мобилни тимови ќе работат со децата на улица


Зајакнување на мобилните тимови кои ќе ги мапираат најфреквентните локации каде што има деца што питачат, активирање на полнолетните како баратели на работа и нивно вклучување во мерките за доквалификација и преквалификација – е целта на обуките што ги спроведува Министерството за труд и социјална политика во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје, Црвен крст и УНИЦЕФ.

На денешната обука учествуваа стручни лица, социјални работници, педагози и дефектолози, кои ќе работат со децата на улица за да им се обезбеди соодветна заштита. Работата на терен ќе се спроведува мултисекторски врз основа на стандардизирана вмрежена соработка на сите релевантни владини и невладини организации и институции.

-На секое дете му треба безгрижно детство, целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба. Со работа одблиску со децата на улица и нивните семејства ќе ги детектираме и решаваме проблемите со кои се соочуваат, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

– Децата на улица често се жртви на многубројни негативни искуства, вклучувајќи физичка и психичка злоупотреба и запоставување. Многу од нив не го остваруваат своето право на образование, здравство и заштита – рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Министерството за труд и социјална политика ја креираше социјалната реформа што е во собраниска процедура, а е во насока на намалување на детската сиромаштија и извлекување на најранливите граѓани над линијата на сиромаштија. Со оваа реформа детскиот и образованиот додаток ќе станат достапни за 20 пати повеќе деца, а работоспособните ќе се активираат на пазарот на трудот.

Фото: Б. Грданоски