Многу неусогласености во законот што треба да стави ред во градењето


Фото: Б. Грданоски

Новиот закон за урбанистичко планирање, кој влезе во собраниска процедура, има низа недоречености и проблематични одредби. Архитектите и претставници на граѓанските здруженија се сомневаат дека со него ќе може да се сопре урбанистички хаос предизвикан од деталните урбанистички планови, во кои приоритет имаат профитерските интереси наместо стручно поткрепените архитектонски решенија, кои би требало да ни обезбедат функционален живот.

„Транспарентноста во носењето на урбанистичките планови е особено важна, но освен формално враќање на партиципативното тело, овој закон нема некои особени новини околу тоа. Тој ја остава транспарентноста само во завршните фази од носење на плановите, за јавната анкета, откако сите чекори се поминати. Граѓаните не се вклучени на самиот почеток на планирањето кога треба да се чујат нивните проблеми и потреби. Кога планот е веќе готов, измените кои може да се направат се минимални, се однесуваат на поединечни парцели, а не на целината“, велат од здружението „Здравје пред профит“. Донесувањето на правилниците за стандарди и нормативи, исто така, велат, се случува зад затворени врати во министерствата без обврска за вклучување и на стручната јавност. Според нив, со законот мора да се обезбеди професионалност и компетентност во постапката за изработка, донесување и спроведување на урбанистичките планови.

„Владата не треба да е надлежна за донесување на ваков вид урбанистички планови бидејќи нема таква надлежност согласно Уставот. Особено е важен статусот на јавната установа за урбанизам, односно Агенцијата за просторно планирање. Подобро би било Агенцијата за просторно планирање да може самата да формира свои локални ограноци во општини со популација над 30.000 жители и во Градот Скопје. На тој начин ќе се следат работите многу потемелно и многу подетално, и ќе се има посистематски увид во проблемите и потребите на граѓаните ширум државата од областа на урбанистичкото планирање“, велат од „Здравје пред профит“.

Според нив, ако се донесе законот за урбанистичко планирање, треба да се донесе и нов закон за градење, односно за градежно земјиште, или во најмала рака да се изврши измена и дополнување на Законот за градежното земјиште. Но, предупредуваат, не можат да се запрат узурпациите ако овие закони не се почитуваат.

„Таквите противправни дејствија досега не се санкционирани. Погледнете ја само статистиката од кривичните судови или јавните обвинителства, колкав е бројот на обвиненија или кривични пресуди по основ на кривичните дела поврзани со бесправно градење, или кривичните дела од областа на злоупотреба на службената положба во врска со бесправно градење? Статистиката е речиси празна, а сите секојдневно сме свесни на злоупотребите кои се случуваат пред наши очи. Законите мора да се спроведуваат и почитуваат. Колку и да имаме добар законски текст, а тој не е спроведен соодветно, или се прекршени неговите одредби, тогаш излишни се понатамошните коментари дека законот бил лош – не законот не е лош, туку лошо се спроведува, односно не се спроведува. Многу поефектно е да се дејствува превентивно уште во самиот закон, да се обезбеди дека ќе создаде култура на спроведување и почитување на законот подеднакво на сите, отколку на негово пренормирање со непотребни одредби. Пренормираноста, исто така, носи до корупција и криминалитет, а со тоа од самиот почеток сме поставиле лоши темели“, посочуваат од „Здравје пред профит“. Според нив, и покрај низата забелешки предложениот законскиот текст е добра основа за систематски промени.

И според „О2 Иницијатива“, предлог-законот има низа недоречености и треба во него да има одредби за усогласување со Законот за урбано зеленило.

„Нашите забелешки се во неколку категории – мала транспарентност, нејасни формулации кои оставаат простор за толкување, а со тоа и злоупотреба и манипулација, исклучување на одредби од други закони, како Законот за животна средина, за урбано зеленило, за заштита на природа, кои уредуваат и поставуваат одредени норми во однос на урбанистичкото планирање. Со Законот за урбано зеленило, се предвидува секоја градежна парцела да има 20 отсто зеленило. Кој ќе ги натера при изработување на плановите ако нема таков член да го почитуваат тоа? Се вели и дека ако Деталниот план е поништен од Уставниот суд, ако во рок од една година не се донесе нов, ќе важи постојниот. Дали тоа ќе важи и за плановите во Карпош кои беа поништени?“, велат од „О2 иницијатива“, од каде што забележуваат дека не е проблем што немаме веќе доволно зеленило и воздух, туку што градежните компании кои имаа огромни профити изминатата година, заради стопирање на деталните урбанистички планови и неможност да градат на „примамливи“ локации, сега имаат намален профит.

Мораториумот што го употреби општина Центар за да го запре издавањето на градежни дозволи за да ќари време и да размисли што и како понатаму, во новиот закон има ново име. Ќе се вика суспендирање на ДУП, но не подолго од една година што исто така беше критикувано од експертите.

Од Министерството за транспорт и врски, пак, уверуваат дека со новото законското решение ќе се стави ред во планирањето и узурпирањето на градежното земјиште имајќи предвид дека претходните законски решенија внесувале хаос во градежништвото.

„Во овој закон по првпат дефинираме рокови за завршување на постапката за донесување планови. Се воведува член за суспендирање на план со рок не подолг од една година, за кој период треба донесувачот на планот да донесе нов план. Го зајакнуваме инспекцискиот надзор и надлежностите на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со воведувањето регионални урбанистички инспектори“, тврди министерот Горан Сугарески. (Н.К.)

Фото: Б. Грданоски

 

„Екосвест“: Новиот закон им се заканува на природните подрачја

 

Големи и мали хидроенергетски проекти и рудници прогласени како подрачја и градби од државно значење, намалена можност за учество на јавноста во урбанистичкото планирање. Ова се само некои од посериозните проблеми на новиот закон за урбанистичко планирање, според Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“.

„За нас е особено загрижувачки што членот 17 од овој закон ги наведува рудниците и сите хидроенергетски системи како подрачја и градби од државно значење. Рудниците носат финансиски придобивки исклучиво за компанијата која ја има дозволата за ископ, а ист е случајот и со малите хидроелектрани и затоа сметаме дека не е логично овие да бидат законски дефинирани како градби од државно значење. Исто е недозволиво во законот да пишува и ‘други видови подрачја и градби од државно значење’, што остава простор за толкување по потреба и манипулација, и тоа не смее да се дозволи. Потребно е дообјаснување и дури и таксативно набројување кои се тие други подрачја“, вели Давор Пехчевски од „Екосвест“.

Алармантно, според нив, е и што ставот 4 точка 1 од овој закон е во целосна колизија со Законот за природа овозможувајќи изградба на инфраструктурни проекти во зони за одржливо користење кога со законот за природа тоа е забрането. Членови од законот, велат, се во колизија и со постоечкиот Закон за урбано зеленило.

„Повторно гледаме колизија на закони кога станува збор за заштита на природата и неодржлив економски развој за повеќе профит. Навистина не ни е јасно како во момент кога треба да го отвориме поглавјето 27 ние правиме сè спротивно од препораките на ЕУ. Целосно е нелогично да е скратено учеството на јавноста во изработување на урбанистички планови за големи инфраструктурни проекти како рудници, хидроелектрани и патишта кои скоро неизбежно се поврзани со влијанија врз природно и културно наследство, зафаќање на земјоделски и други приватни површини, па дури и присилно раселување на население“, вели Пехчевски. Од „Екосвест“ бараат од пратениците во Собранието да не го дадат својот глас за законот кој има толку недостатоци.