ММФ уште еднаш ги подобри изгледите за Србија: пад на БДП од – 1,5, а не – 2,5 отсто


Износот што го најави ММФ всушност е колку целата квота која што Македонија ја има во фондот

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денес официјално потврди дека повторно ја подобрил прогнозата за бруто домашниот производ на Србија за 2020 година и сега проценува пад од минус 1,5 процент, а не минус 2,5 отсто како што се предвидува во есенскиот извештај објавен претходно оваа недела.

Овие проекции, како што е наведено во соопштението на ММФ, се темелат на најновите податоци, кои укажуваат на побрзо закрепнување на српската економија отколку што се очекуваше, јави Танјуг.

За следната година се очекува да има раст од 5,0 проценти.

Шефот на мисијата на ММФ, Јан Кес Мартејн, вели дека тимот на Фондот имал продуктивни разговори со српските власти преку виртуелни состаноци од 5 до 16 октомври, на кои се дискутирало за петтата и последна ревизија на Инструментот за координација на политиките (ПЦИ) и дека е постигнат договор за политиките потребни за завршување на ревизијата.

Тој посочил дека монетарните и финансиските мерки и големиот фискален пакет, кои беа воведени како одговор на кризата, одиграа клучна и позитивна улога во поддршката на економијата.

Тој забележува дека, сепак, прогнозата е сè уште многу неизвесна, како резултат на непредвидливото влијание на епидемијата и на последичните негативни ефекти врз економијата на Србија и нејзините трговски партнери.

„Даночните приходи ги надминаа очекувањата за време на четвртата ревизија на инструментот ПЦИ, но расходите ќе бидат поголеми со оглед на тоа што фискалните мерки се продолжени, а реализацијата на јавните инвестиции ќе се забрза во последниот квартал од оваа година“, рече шефот на мисијата на ММФ.

Вкупниот фискален дефицит се очекува да биде под девет проценти од БДП во 2020 година, а јавниот долг ќе остане под 60 проценти од БДП.

Во контекст на тековното закрепнување на економската активност, за буџетот што моментално се подготвува, тој смета дека би било соодветно да се намали фискалниот дефицит на 3,0 проценти од БДП, што ќе обезбеди натамошен пад на учеството на јавниот долг во БДП.

Во рамките на овој буџетски простор, зголемувањето на јавните инвестиции, вклучувајќи ги и зелените инвестиции, не само што ќе го поддржи закрепнувањето, туку исто така ќе го поттикне потенцијалниот раст, рече тој.