Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, вели Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември


Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 34-годишнината од осамостојувањето на државата. Во неа, Сиљановска-Давкова потсетува дека сеуште се соочуваме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици и со отстапки и компромиси кои не се усогласени со референдумската одлука од 1991 година и со меѓународното и националното право.

– Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија. Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право. Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит, вели Сиљановска-Давкова.

Додава дека не се откажала и дека никогаш нема да се откаже од македонските национални интереси и дека мора да продолжиме да ги реафирмираме и да се бориме за нив и дома и надвор, во европските и меѓународните институции, на правен, политички и демократски начин.

– Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на Копенхагенски критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници, преку компетитивна и просперитетна економија, преку партиципативна политичка култура, преку силно граѓанско општество и слободни медиуми. Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги. Ако домата ни е европска, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да работат, творат и растат семејства тука, во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно. Само во европски амбиент се креира европска иднина, порачува претседателката на државата.