Млада битолчанка на 33 години почина на Инфективно, наредена обдукција
Младата жена била примена синоќа во болницата, но починала за многу кусо време. Била хоспитализирана како сомнителна на Ковид-19
БИТОЛА – Млада жена на 33 години утринава почина на Инфективното одделение во Битола. Од Клиничката болница Битола велат дека жената не била позитивна на вирусот, но е хоспитализирана како сомнителна на Ковид-19. Поради брзата смрт побарана е судско-медицинска обдукција врз телото на починатата со цел да се утврди причината за смртта.
Драматична е ситуација со ширењето на вирусот во Битола, од 31 декември до денес од Ковид-19 починале 16 битолчани. Бројот на смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на кризата до денес се искачи на 410.
„Синоќа е примена пациентката на 33 години на Инфективното одделение во Битола како сомнителна на Ковид-19, без потврден тест. Хоспитализирана е и дадена е соодветна терапија. По влошување на ситуација преземени се реанимациони мерки. Побарана е обдукција. Според податокот од дежурните лекари во системот не се заведени коморбидитет, освен обезност. Пациентката не била вакцинирана. Телото е предадено на судск- медицинска обдукција со цел да се утврди причината за смрт, велат од Клиничката болница Битола.
Бројот на заразени со Ковид-19 во Битола драматично расте. Од Нова година досега се бележат високи бројки на дневно потврдени случаи како ретко кога досега. Битола е втора зад Скопје по бројот на заразени. Вчера се регистрирани нови 125 позитивни. Во овој момент има 1.456 активни случаи. (А.Б.)