Митрополитот на Брегалничката епархија Иларион ги замоли граѓаните да бидат кротки, смирени и трпеливи


 

Ги повикувам сите луѓе и ги замолувам да бидат кротки, смирени, трпеливи, да не ги вознемируваме ниту упокоените, ниту нашите страдални болни,туку со молитва кон Бога, со трпение, со смирение да се подготвиме и починатите да ги испратиме во вечноста и болните да се молиме Господ Бог да ги исцели и да ги излечи, истакна во своето денешно обраќање Митрополитот на Брегалничката епархија Иларион по несреќата во дискотеката во Кочани, каде што згаснаа животите на 59 лица.

Тој изрази  сочувство до родителите, роднините и блиските на починатите, а на починатите им посака човековљубивиот Бог да ги насели во царството небесно меѓу ангелите и светителите.

-Да им подари вечен живот и царство небесно на постраданите семолистивиот Бог и лекар и исцелител да ги исцели, да ги излечи и повторно да се вратат во своите домови живи и здрави продолжувајќи го својот живот славејќи го бога во покајание, во радост за спасение, им посака митрополитот на повредените.

Тој  се заблагодари на сите добри луѓе во светот како во соседни земји, во Белград, во Софија, Грција, Турција и насекаде каде што ги примија нашите луѓе.

Митрополитот на Брегалничката епархија порача дека во овој миг кога сме сите во тага и  жал ги разбира сите луѓе, ги разбира и вчерашните луѓе, коишто беа во Кочани и какошто рече „затоа вчера преку нашиот свештеник ги повикав и ги замолив да бидеме смирени да бидеме кротки, да бидеме спокојни, трпеливи“.

Во врска со вчерашните протести во Кочани Иларион рече дека ги разбира, за големата болка, големата тага, големата жалост што ја носат, бидејќи, како што рече, на сите тие луѓе им е починат или повреден по некој роднина, близок пријател, брат, сестра, сосед, другар, соученик, сограѓанин…

„Нивниот револт потполно го разбирам, го сфаќам, но замолувам не на таков начин туку на евангелски начин, молитвено, смирено, тивко, достоинствено да ги испратиме во вечноста починатите , а за здравите постојано да се молиме“, порача Иларион.

Тој додаде дека иако имало напади од некои луѓе дека црквата ништо не правела, неговото блаженство г.г. Стефан, како „татко на нацијата“ прв изразил сочувство и испратил во СА Синод сочуство и соопштение до настраданите и до семејствата на сите архиереи на МПЦ, рече  Иларион.