Митева не ја коментира објавата на сопругата на пејачот на „ДНК“

Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција во Владата рече дека нема да коментира изјави на лица кои изгубиле некој близок во трагедијата во Кочани откако сопругата на пејачот на групата „ДНК“ кој загина во несреќата во објава на социјалните медиуми замоли надлежните органи да извршат детален увид за целиот настан додавајќи дека приотехниката не била донесена од страна на бендот.
– Во овој момент не би си дозволила, пред се како човек, да коментирам изјава на било кој што изгубил свој близок во оваа трагедија, рече Митева.
Сопругата на пејачот на „ДНК“ во објава на социјалните медиуми ги замоли медиумите да не шират дезинформации и да не се штитат луѓето што треба да бидат зад решетки.
– Ги замолувам сите јавни медиуми да не шират дезинформации на социјалните мрежи. Ги замолувам и јавните органи да си извршат детален увид за целиот трагичен настан. Во овој тежок момент за сите нас јавно ги замолувам институциите и медиумите да ја почитуваат пред се нашата приватност. Лажни објави дека мојот сопруг е на домашно лекување и дека пиротехниката е донесена од страна на бендот, ве молам не штитете некој кој треба да е зад решетки, вели Александра Ѓорѓиевска, сопруга на Александар Ѓорѓиевски кој со членови на бендот загина во пожарот во Кочани.