Мистериозен вулкан еруптирал во 1831 година и ја изладил Земјата. Сега конечно е идентификуван


Илустрација

Непознат вулкан толку експлозивно еруптирал во 1831 година што ја оладил климата на Земјата. Сега, речиси 200 години подоцна, научниците го идентификуваа „мистериозниот вулкан“, пишува CNN.

Таа ерупција била една од најмоќните во 19 век, ослободувајќи толку многу сулфур диоксид во стратосферата што просечните годишни температури на северната хемисфера се намалиле за околу 1 степен Целзиусов. Иако била позната годината на оваа историска ерупција, локацијата на вулканот не била позната.

Истражувачите неодамна ја решија таа загатка со анализа на ледените јадра од Гренланд, проучувајќи ги основните слоеви за да ги испитаат изотопи на сулфур, честички од пепел и ситни фрагменти од вулканско стакло депонирани помеѓу 1831 и 1834 година. Користејќи геохемија, радиоактивно датирање и компјутерско моделирање за мапирање на траектории на честички, научниците ја поврзаа ерупцијата од 1831 година со островски вулкан во северозападниот дел на Тихиот Океан, објавија тие во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.

Мистериозниот вулкан

Според анализата, мистериозниот вулкан бил Заварицки на островот Симуширу, дел од Курилските острови, област спорна меѓу Русија и Јапонија. Пред ова откритие, последната позната ерупција на вулканот Заваритски датира од 800 година п.н.е.

„Имаме многу слабо разбирање за историјата на ерупциите на многу вулкани на Земјата, особено оние во оддалечените области“, рече водечкиот автор на студијата д-р Вилијам Хачисон.

„Заварицки е екстремно оддалечен остров меѓу Јапонија и Русија. Никој не живее таму, а историските записи се ограничени на неколку текстови од бродови кои поминувале покрај островите на секои неколку години“, изјави Хачисон за Си-ен-ен.

Со оглед на ограничените информации за активноста на вулканот Заваритски во текот на 19 век, никој досега не се сомневаше дека тој може да биде кандидат за ерупцијата во 1831 година.

Наместо тоа, истражувачите гледале вулкани поблиску до екваторот, како што е вулканот Бабујан Кларо на Филипините, се вели во студијата.

„Ерупцијата имала глобални последици врз климата“

„Оваа ерупција имала глобални климатски последици, но долго време погрешно му се припишувале на тропски вулкан“, рече д-р Стефан Брониман, раководител на Катедрата за климатологија на Универзитетот во Берн, Швајцарија.

„Истражувањето сега покажува дека ерупцијата се случила на Курилите, а не во тропските предели“, вели Брониман, кој не бил вклучен во студијата.

Испитувањето на ледените јадра од Гренланд откри дека во 1831 година таложењето на сулфур – знак на вулканска активност – било околу 6,5 пати поголемо на Гренланд отколку на Антарктикот.

Ова откритие сугерираше дека изворот е голема вулканска ерупција во средните ширини на северната хемисфера, објавија истражувачите.

Тимот, исто така, хемиски анализираше пепел и фрагменти од вулканско стакло не поголеми од 0,02 милиметри во должина. Кога научниците ги споредиле резултатите со геохемиските бази на податоци од вулканските региони, најблиску  до совпаѓање биле оние во Јапонија и на Курилските острови.

„Моментот во лабораторијата кога заедно ги анализиравме двата примероци од пепел – еден од вулкан и еден од ледено јадро – беше вистинско искуство со еурека“, рече Хачисон.

„Сè уште сум изненаден што ерупција од оваа јачина останала незабележана“, додаде Хачисон.

„Можеби има извештаи за таложење на пепел или атмосферски феномени од 1831 година кои седат во заборавените агли на библиотеките во Русија или Јапонија. Понатамошното истражување на тие записи навистина ме возбудува“, заклучил тој.