Министерката Димитриеска-Кочоска и гувернерот Славески учествуваат на пролетните средби на ММФ и Светска банка


 Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 18 април престојува во САД, Вашингтон, каде што ќе учествува на пролетните средби на ММФ и Светската банка. За време на престојот, информираат од Министерството за финансии (МФ), Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, ќе оствари средби во Трезорот на САД, како и со претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и инвеститори.

– Димитриеска Кочоска ќе се сретне со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, извршниот директор на ММФ, Јерон Клик, заменик-извршниот директор Марникс ван Рај, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер, со шефот на Мисијата на ММФ, Ник Гигинеишвили, како и со претставници од одделот за фискални прашања при Меѓународниот монетарен фонд. Се очекува на средбите да бидат потврдени напорите на Владата за фискална консолидација и истовремен фокус на обезбедување економски раст, како и влијанието на кризата врз јавните финансии и врз економијата – соопшти МФ.

Во Светската банка, се наведува во соопштението, Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби со потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, како и со извршниот директор во одборот на Групацијата Светска банка – холандска конституенца, Јуџин Ругенат. На средбите во Светската банка ќе стане збор за реализација на рамката за партнерство, што нашата земја ја има со оваа меѓународна финансиска институција, и можностите за нејзино искористување во реализација на проекти што се приоритет за развој на државата.

Исто така, министерката за финансии ќе оствари средби во Трезорот на САД, канцеларијата ОТА, преку која се реализираат проектни активности во областа на јавните финансии со цел градење поефикасни институции, подобро управување со ресурсите, намалување на ризиците и поголема заштита на граѓаните.

Министерката во Вашингтон ќе оствари средба и со финансиски институции што работат на меѓународните пазари.

На пролетните средби на ММФ и СБ, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, учествува заедно со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и делегација од Народната банка и Министерството за финансии. Во составот на делегацијата е и државниот секретар во МФ, Андрјиана Матлиоска.

Пролетните средби на ММФ и Светската банка традиционално се одржуваат во април секоја година и обединуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на бизнис-заедницата, невладиниот сектор, експертската јавност, кои отвораат актуелни теми од интерес за светската економија, како и предизвиците со кои се соочува светот и можностите за нивно надминувaње.