Министерката Ангеловска можела да знае податоци за Еуростандард банка


Министерката за финансии Нина Ангеловска не го знаела денот кога и дали ќе се случи донесувањето на одлуката за стечај на Еуростандард банка, во времето кога ги носела своите одлуки, но била во позиција да ги има тие информации со што ја става во состојба на судир на интереси. Ова денес на прес конференција го истакна претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, која рече дека Комисијата не утврдува кривична одговорност, но од етички аспект го покренува прашањето од високо ниво.

Според наодите на антикорупционерите, министерката имала можност да ги дознае податоците поврзани со банката каде што таа е клиент, а кои што не биле достапни на другите клиенти кои што биле штедачи во таа банка.

„Така што овие информации и податоци можеле да имааат влијание врз донесувањерто на нејзините одлуки поврзани со депозитот што го имала во таа банка со што таа е во позиција да оствари предност пред останатите штедачи во банката“, истакна Ивановска.

Таа рече дека многу е битно да се води сметка да се избегне сомнеж на постоење судир на интереси бидејќи јавноста се сензибилизира по ова прашање.

„Ние не утврдуваме кривична одговорност, меѓутоа од етички аспект го покренуваме прашањето на високо ниво дотолку повеќе што сега стапуваат нови членови на владата и за таа цел ќе дадеме препорака да се доуредат прописите, а особено меморандумот за соработка помеѓу Народната банка, министерството за финансии и другите регулаторни тела“, рече Ивановска појаснувајќи дека е потребно да се додадат уредби со кои ќе се регулира судирот на интереси и да се предвиди како да се спречат.

„Особено оној момент каде што се кажува дека одреден носител на функција има можност да располага со информации и тие да ги искористи за своја корист или да обезбеди предност за себе или за некој друг“, рече Ивановска.

Таа додаде дека заклучокот е донесен врз основа на целокупната документација прибавена од Министерството за финансии и од Народна Банка.

„Со стапување на функцијата, министерката за финансии по службена должност располагала со информации и податоци за движењата на банкарскиот и на финансиските пазари и имала можност да ги дознае податоците поврзани со банката, каде таа е клиент, а не биле достапни на другите штедачи во таа банка“, изјави Ивановска.

Прв документ, според Ивановска, на кој стои дека се разговарало за ситуацијата во Еуростаднард Банка, бил записникот од 4 јуни.

„Претходно можеби се разговарало, можеби не, битно е дека самата функција и обезбедува можност да дојде до информации кои се однесуваат на нејзините средства во таа или во која било друга банка. Ние не покренуваме некаква санкција против министерката, но сакаме да го истакнеме етичкото прашање кое е многу битно“, изјави претседателката на ДКСК, додавајќи меѓу другото дека сомнежот очигледно е дека постои.

Таа посочи дека во периодот откако Ангеловска е министер за финансии одржани се два состаноци на Комитетот за финансиска стабилност на 19 март и на 30 април, а записниците, подвлече, упатуваат дека се разговарало за Еуростандард банка.

Ивановска како значајно ги потенцира тоа што Владата по препорака на ГРЕКО има донесено етички кодекс во кој е дефинирано дека членовите на владата и носителите на јавни фукнции посебно треба да водат сметка за почитување на Законот за судир на интереси, но и да избегнат сомнеж за постоење судир на интереси, бидејќи, рече таа, јавноста се сензибилизира по ова прашање.

Меѓу другото посочи дека Законот за Народна Банка во членот н 43 предвидува дека одржување редовни состаноци, а се информираат меѓусебно односно комуницирањето е уредено и со меморандум, кој во април е дополнет и доуреден.

Ивановска информира дека за ДКСК ќе биде приоритет донесување Закон за потекло на имотот.