Милиони Американци нема да можат да користат 5Г на новиот ајфон
Во пресрет на денешното претставување на новите модели на ајфон на „Епл“ (iPhone 12) медиумите јавуваат дека една од новините што ќе ја понуди е можноста за користење на 5G, но и дека голем број Американци нема да можат да ја користат оваа опција поради проблемот со инфраструктурата на телекомуникациските оператори.
5Г мрежата е 10 до 20 пати побрза од претходната, но сепак, било да е нов ајфон или кој било друг мобилен телефон што ја поддржува оваа мрежа во САД, значи како да „имате ‘ферари’ во вашето село и не може да го возите 320 милји на час“. Со овие зборови, неупотребливоста на iPhone во овој контекст ја објасни директорот на компанијата Strategy Analytics, Борис Методиев.
Постојната телекомуникациска инфраструктура во САД не е соодветна за реализирање на целосниот потенцијал на новиот адут на „Епл“, т.е. максималната брзина на мрежата 5G на iPhone. Се претпоставува дека ќе бидат потребни уште неколку години за да се постигне тоа.
Неколку американски телекомуникациски оператори имаат инфраструктура што овозможува брзина нешто малку поголема од 4Г мрежата. За разлика од САД, 5Г е сè поприсутен во Јужна Кореја и во Кина. Најголемите конкуренти на „Епл“ во развојот на уредите со 5Г мрежа се јужнокорејскиот „Самсунг“ и кинескиот „Хуавеи“, чија продажба порасна откако беше забранет во САД.
Проблемот е што тие допрва треба да започнат да прават апликации за кои е потребен многу побрз интернет, па интересот за користење на мрежата 4Г беше значително стимулиран од апликациите Фејсбук и Јутјуб.
Директорот за технологија за телекомуникациска опрема на CommScope, Морган Курк, истакна дека ваквите апликации ќе бидат направени само кога мрежата 5Г ќе биде целосно употреблива и кога уредите што ја поддржуваат оваа мрежа ќе бидат уште подостапни, пренесува Ројтерс.