Милановиќ: Европа во две брзини ќе „зариба“

Ниту една земја нема да влезе во ЕУ ако се инсистира да бидат решени билатералните спорови базирани на историја или на емоции, оцени Пендаровски на самитот


Фото: Б. Грданоски

 

Деветте лидери на Процесот Брдо-Бриони го завршија самитот во Скопје, овојпат без кавга, во конструктивен дух и со усвоена декларација.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, нагласи дека ова е единствен процес на ниво на претседатели во сопственост на регионот и, како што рече, без надворешни ментори и промотори, нагласувајќи дека не гледа потреба од нив. Запрашан што е поважно за евроинтеграцијата – решавање на отворените прашања или отворените преговарачки поглавја, Милановиќ одговори категорично дека се важни – и едното и другото.

„Постојат отворени прашања, особено меѓу Србија и Косово кои меѓусебно не се признаваат. Тие два процеси се одвиваат паралелно и добро е што постои дијалог за да се реши. Најлошо е кога ќе прекинат телефонските линии и комуникации, зошто тоа практично значи ‘смрт за дијалогот’“, порача Милановиќ, за кого поголемо „идентитетско прашање“ од овие беше што Украина и Молдавија добија кандидатски статус пред БиХ. 

Македонскиот претседател Стево Пендаровски, пак, оцени дека постои огромен јаз меѓу критериумите за членство и билатералните спорови со нашите соседи и дека тоа создало сериозен дисбаланс во смисла дека билатералниот проблем со Бугарија ја покрива целосно традиционалната европска агенда за пристапување. Според него, ако ЕУ продолжи да инсистира да бидат решени билатералните спорови базирани на историја или на емоции, ниту една земја од Западен Балкан никогаш нема да влезе во ЕУ.

„Нам ни е јасно дека ’97 година таа т.н. регионална клаузула или добрососедските односи мора да се исполни. Во однос на нашата земја, нашите аспирации, нашиот пат досега, јасно е дека постои прилично голем дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со намалку двајца од нашите соседи. Во изминатите три години ние имаме сериозен дисбаланс во таа смисла, затоа што билатералниот проблем со Бугарија ја покри за жал целокупната традиционална агенда за пристапување. Ние се надеваме дека најскоро тоа ќе се промени, бидејќи ако на Западен Балкан инстистираме најпрво да бидат решени чисто билатералните спорови и посебно ако тие се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ“, рече Пендаровски.

Словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар не смета дека билатералните проблеми треба да се причина за одолговлекување на евроинтегративниот процес на Западен Балкан.

Околу дилемата што ја отвори францускиот претседател Емануел Макрон, за Европа во две или три брзини, Милановиќ рече дека уште кога студирал пред многу децении во Брисел се зборувало за тоа  и, како што се изрази сликовито, тој „менувач зарибувал“ и не функционирал, така што и да постои формално таков предлог, според него нема да функционира ни сега. Според негова оценка, ЕУ практично ја исфрлила Велика Британија од членството со барањата за „повеќе Европа“, сметајќи дека „повеќе Европа“ е прифатливо за Балканот, но не и за  Лондон. Оваа тенденција според него нема да запре доколку не ѝ се каже крај.

„На Хрватска, на хрватскиот народ, им е добро во ЕУ . Целата приказна има почеток и крај. Хрватска и хрватските граѓани не платија голема цена и не отидоа во војна за да остварат големи интеграциски цели, туку за да имаат своја држава. ЕУ е обично средство, а не цел сама по себе. Таа треба да се саморегулира како конзервативен господар, не во политичка смисла, туку  како некој кој е скептичен и на секој чекор му приоѓа рационално и без детски ентузијазам“, порача Милановиќ, во стилот на новите евроскептични европски лидери кои собираат поени на сметка на ЕУ – откако ќе влезат во неа. 

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар пак кратко порача дека не поддржува Европа во повеќе брзини и дека секоја земја членка треба да биде полноправна. 

„Тоа е  предлог само на францускиот претседател, во смисла прво продлабочување па проширување на Унијата. Такво нешто сепак не се случува и има придвижување на процесот напред. Објективно во ЕУ со децении постојат две или повеќе брзини и тоа не би било изненадување. Ова сепак не е формален предлог на Макрон и, ако би бил, не би го прифатиле во Брисел“, додаде претседателот Стево Пендаровски, нагласувајќи дека не треба да се плашиме дека ќе имаме помалку права од другите земји членки, но е тема за размислување. 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој учествуваше на самитот, но не и на прес-конференцијата, во посебна изјава за новинарите рече дека на средбата разговарале за европската иднина на регионот, за која едни имаат поголем ентузијазам, а други помал. Тој рече дека денот поминал во конструктивна дискусија и дека во декларацијата стои дека е потребно членство во ЕУ што поскоро, а најдоцна до 2030 година.

„Ова се убави желби, но кој сум јас да го уништам оптимизмот и да им ја намалам амбицијата на некои други. Одлично ако е така, но не сум сигурен“, изјави Вучиќ.

Тој и сега повтори дека Србија го почитува македонскиот народ и нема спорови.

„Секогаш некој нешто ќе смисли, ние го сакаме македонскиот народ, ја почитуваме државата Северна Македонија, ништо не бараме и да го чуваме нашето пријателство“, одговори српскиот претседател околу бугарската блокада на Македонија на евроинтегративниот пат.

Тој додаде дека има нешто важно што сака да го каже, во Скопје, но и на преставниците во Белград.

„Важно е за нас ние од регионот да бидеме блиски едни со други, да си ги развиваме односите, да си ги скратуваме процедурите меѓу нас, да обезбедиме слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, ние да бидеме тие кои со својата стапка на раст ќе биде повисоко од европската во наредните 10-15 години, и ако ги видите прогнозите на ММФ и СБ, ние драстично ќе ја намалиме разликата од Западна Европа и да се преставиме како единствен блок и покрај разликите и така да настапуваме пред ЕУ“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека „безброј пати на сите форуми секогаш говорел дека Србија го признава и македонскиот јазик и територијата на Северна Македонија и црквата и никогаш никаков проблем сме немале и ќе продолжиме да водиме таква политика“.

Вучиќ одговари и на новинарско прашање за бугарското и хрватско барање за воведување санкции кон Русија.

„Како се сетија да зборуваат за тоа дека Србија мора да воведе санкции кон Русија. Од сите теми се најдоа Хрват и Бугарин да зборуваат за тоа што треба Србија да работи. Ајде убаво, имате вие свои проблеми и маки, грижи се ти Бугарину што ќе работиш во својата земја, како и ти Хрвату, немојте да се мешате во работите на Србија и не се правите многу умни“, одговори Вучиќ.

Српскиот претседател се осврна и на изјавата на косовскиот премиер Албин Курти дека „невозможно е да се одвои Србија од Русија без камшик“, велејќи дека „интересно е како некои сметаат дека е можно да имаат право да прашаат некои трети страни да се примени камшикот на суверена земја“.

„Бидејќи тој е толку силен и би ја одредил судбината на сите народи во Европа, секако и на српскиот, не знам зошто самиот не го користи камшикот и не покажува како ќе се справи со некого. Срамота е што некој што се смета себеси за лидер на било што користи таков речник и јазик, без разлика колку има високо мивисоко мисли за себе“, рече Вучиќ.

Тој наведе дека Србија сама ќе одлучува за санкциите против Русија, како суверена земја и дека во овој поглед се разликува од Приштина.

„Ние не се разликуваме по прашањето за Русија или Украина, туку за прашањето кој е суверена земја, а кој не е и никогаш нема да биде“, рече тој.