Миксот на „ненадлежни“ со вкус корупција уби 59 млади лица
Чудно е како МВР знаело да прави контрола во клубот „Пулс“, не само кобната вечер, туку и претходно, а при тоа да не ги провери документите и да сфати дека нешто чудно се случува во Кочани

Александар Тодески
Лиценци, дозволи, проверки, казни – низа надлежности имаат „ненадлежните“ кои од себе ја тргаат одговорноста за пожарот во ноќниот клуб во Кочани, во кој животот го изгубија 59 млади лица. И тоа сите функционери низ годините, во случајов, во последните 12 години. Законот кој според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски е од времето на СФРЈ им дава точно определени надлежности на сите, од МВР, преку Министерството за економија, па се до општината. И тука не станува збор за одговорност на една влада, еден министер или еден градоначалник, туку за сите функционери во последните 12 години во кои дискотеката „Пулс“ егзистирала.
Симптоматично е дека и во 2022 година, во истражување кое го правев преку повеќе прилози, а за ноќните клубови во Македонија, наидов на „Пулс“ од Кочани, со лиценца (легална или нелегална) за кабаре, впишан заедно со уште десетина други клубови во регистарот во Министерстовто за економија.
Самоволието на газдите на клубовите не е ново. Почна од корона кризата, кога клубовите од овој тип не плаќаа лиценци затоа што беа затворени. Дел клубовите по прекин на мерките продолжија да работат без да платат лиценца, со тврдење дека очекувале Министерството за економија да им издаде лиценци, но без да ја уплатат лиценцата, како помош зашто биле затворени, иако претходните две години добиваа финансиски средства поради тоа што беа затворени како мерка против пандемијата.
Но, каде се надлежностите? Ги има во повеќе институции, на повеќе нивоа. И на секое од „ливчињата“ со постапување или непостапување има по некој потпис, од 2012 до денеска. Лесно е да се најдат, зошто е многу јасен и самиот закон.
Во Членот 7 се наведува: „Угостителот е должен исполнувањето на условите од членот 6 став 1 на овој закон и започнувањето со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат, на градоначалникот на општината, а во градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје според местото и седиштето на објектот, односно според местото каде што се даваат услугите, најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на угостителскиот објект“.
Значи, со секоја нова лиценца, општината е запознаена со состојбата во дискотеките, ноќните клубови или кабареата на нејзината територија. Ако сите овие документи завршуваат кај градоначалникот, тогаш тој не е исклучен од колективната одговорност, како што барем засега се претставува.
Малку е можно и сценариото, градоначалникот Љупчо Папазов, кој по повеќе од 24 часа молк, денеска си поднесе оставка да не знаел дека дискотеката работи без лиценца. Сепак се работи за општина со нешто над 31.000 жители од кои 24.000 се во градот.
Членот 6 пак, вели: „Угостителската дејност во угостителските објекти ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор може да се врши доколку угостителот обезбеди и согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа за внатрешни работи дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот“.
Клубот поминал покрај повеќе министри во МВР: Гордана Јанкулоска, Митко Чавков, Наќе Чулев, Оливер Спасовски и актуелниот, Панче Тошковски. И министерството под раководството на ниту еден од наведените не донело заклучок дека во овој ноќен клуб не е исполнет ниту еден од условите, ниту јавен ред и мир, ниту безбедност во сообраќајот. Последното се покажа со неможноста за интервенција поради паркираните возила на луѓето кои во саботата ноќта биле во „Пулс“.
Членот 40-д предвидува казни за службено лице од општината доколку не ги побара доказите од Членот 4-а став 3 и Член 4-в став 3, односно доколку до општината не дојдат докази за добивање на лиценцата. Колку и таа да била нелегална, доколку градоначалникот и општината гледаат дека во клубот континуирано има забави, а до нив не се стигнати доказите, реакција во најмала рака би била неопходна.
Од постоењето на клубот до денес, се смениле тројца градоначалници: Ратко Димитровски, Николчо Илиев и актуелниот во оставка, Љупчо Папазов. Ниту еден од нив не се ни посомневал дека овој објект не е ниту близу до минималните услови за кабаре, каква што лиценца, легално или нелегално имал клубот.
Министерството за економија пак, до пред девет месеци цело време го предводеше ДУИ. И оттука можеби е паниката на партијата, со ставот „ДУИ да не биде покажувана како виновна за трагедијата во Кочани“.
Надлежен е и Државниот пазарен инспекторат, иако премиерот Мицкоски засега не гледа зошто би бил разрешен директорот. Сепак, тие се власт „само“ девет месеци, во кои девет месеци дискотеката како и претходно, си работела на диво, но и без минимални услови.
И да, што вели премиерот, одговорноста нема партија, нема позиција, има име и презиме. Но одговорноста не може да се изземе од едните кои се на функција, а да се префрли на другите кои претходно биле на таа позиција. Многу е веројатно никој од имињата кои се наведени да не е запознаен со работата на диво на овој клуб. Дури и поверојатно е на неправилностите да замижале инспекторите отколку нивните менаџери.
Но кога ќе се случат вакви трагедии како оваа, треба да гледаме кој замижува денес, кој замижувал пред една година, пред пет години и пред дванаесет години. Вината можеби е најголема кај последниот кој ставил потпис на фалсификуваната лиценца, но истата вина ја имаат и оние кои ја дале првата дозвола на истите услови, па сѐ до оние кои ги наследиле овие крупни проблеми, а не презеле ништо.
Чудно е како МВР знаело да прави контрола во клубот, не само кобната вечер, туку и претходно, а при тоа да не ги провери документите и да сфати дека нешто чудно се случува во Кочани. Непостапувањето на државните органи, корупцијата и криминалот кои траат со години доведоа до 59 жртви и над 130 повредени.
Ваквите случаи не треба да ги гледаме низ призмата на политиката. Сите ние, со гласање или апстинирање, со „замарање“ или „незамарање“, со лев или десен став направивме да се става потпис за дискотеки со еден влез, обложени со лесно запаливи материјали, во деловен објект за лесна индустрија. Во овие 419 квадрати кои корупцијата ги направи диско, загинаа младите, а се задушува и надежта дека Македоднија може да биде добро место за живеење. И за тоа треба да одговараат сите од последниве 12 години, без да бидат изземени функционерите од овие девет месеци вадејќи се на ставот „нова влада“, зошто ако за девет месеци некој не се нашол во позиција да ги следи состојбите во својот дел, тогаш не му е местото во таа фотелја. И никој, ама баш никој од функционерите актуелни или поранешни не рече „сите сме виновни што овие млади изгореа“.