Микро и малите претпријатија заостануваат со дигитализација, покажува анализата на Бизнис конфедерација на Македонија


 Подготвеноста за дигитално усвојување кај претпријатијата, особено микро и малите претпријатија, заостанува и покрај напредокот на Северна Македонија во продорот на интернетот, покажува анализата „Овозможувачка средина за дигитална трансформација на ММСП во Северна Македонија“ на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, на денешната презентација на анализата во хотел „Панорамика“ изјави дека дигиталната трансформација е еден од клучните сегменти на кои работи министерството, при што дигитализацијата на бизнисите, според него е клучната алка. Тој истакна дека дигитализацијата не е само креирање инфраструктура, туку, како што рече, таа треба да оди паралелно со човечкиот фактор и креирање на дигиталните процеси.

Министерот информираше дека во однос на правната рамка за која е задолжена МИОА, петте закони поврзани со дигитализација се поминати на седница на Влада, и се очекува да бидат дел од точките на Собранието. 

– Се работи за пет многу важни закони. Три од петте се поврзани со јавната администрација, клучни моменти се дигитализацијата. Од јавна администрација да работат од дома максимум два пати неделно. Освен правна рамка ќе креираме и инфраструктура. Вториот момент е дигитализацијата. Сега сме во фаза на креирање на работна група за вештачка интелигенција во јавната администрација. Вторите два закони се поврзани директно со дигиталната трансформација, посочи тој.

Министерот дополни дека се креира законска рамка за складирање на документи и нагласи дека според законот, дигиталната трансформација треба да има инклузивен пристап за кој гарантираше дека ќе биде земен предвид.

Според Јулија Друмеа, експерт за работодавачи од Меѓународната организација на трудот, зголемувањето на дигиталната трансформација создава многу можности за раст и компетитивност на бизнисите.

– Многумина од нив ќе треба да ги сменат нивниот бизнис модел и ќе мора да ја дефинираат своето производство и неговата испорака, порача таа.

Претседателот на Бизнис Конфедерација на Македонија, Миле Бошков, во врска со заостанувањето на микро и малите претпријатија со дигитализацијата посочи дека поголем број, односно над 40 проценти од испитаниците кои учествувале во истражувањето, велат дека можат многу подобро да ги зголемат своите перформанси доколку вложат во дигитализација.

– Од друга страна, 61 процент и повеќе изјавуваат дека тоа сериозно им влијае на пазарот на трудот, односно на борбата против неформалната економија дека имаат одредена конкуренција од неформалната економија од негативното влијание од ниското ниво на дигитална трансформација или употреба на дигитализацијата, рече тој.

Бошков информираше дека продуктивноста кај компаниите и начинот на кој се генерираат работните задачи и работните места, особено кај микро и малите компании, претставува проблем и претставува слаб излез од зголемување на конкурентноста на компаниите.  Во однос на тоа кој е виновен кога станува збор за продуктивноста, тој вели дека тоа се компаниите, односно менаџерите.

– Повеќе се компаниите односно менаџерите бидејќи не го насочиле својот раст и зголемување на својата продуктивност и конкурентност врз основа на дигиталните алатки. Ниското ниво на препознавање на зголемена брзина во водењето на бизнис де факто произлегува од главата на компаниите, односно од менаџерскиот или од сопственичкиот потенцијал, вели тој.

Причината зошто микро и малите претпијатија не инвестираат во дигитална трансформација ја лоцира во тоа што во времето на трансформација на нашата економија, како што рече, веројатно на многу ниско било знаењето и познавањето на придобивките од дигиталната трансформација.

– Односно мислам дека нивото на образование во претприемништвото е на многу ниско ниво во однос на дигитализацијата, придобивките од дигитализацијата, дигиталната трансформација, зголемување на конкурентност базирана на дигитализација, вели тој.

Дигитализацијата, како што рече, е најзастапена во финансискиот сектор, во ИТ секторот, во логистиката и дистрибуцијата.

– Тие што навремено влегоа во процесите на дигитализација и ги користат алатките веќе добро знаат дека тие имаат многу поширок пристап до пазар, до клиенти, до производи, до информации, дури и настапување на глобален пазар, посочи тој.

Анализата покажува дека развојот на дигиталните вештини на вработените од страна на ММП е попречен од недостигот на соодветни и достапни програми за обука, заедно со недостатокот на посветеност од страна на раководството. Додека, распространетоста  на  конзервативната корпоративна култура меѓу претпријатијата во Северна Македонија придонесува за ниското ниво на дигитално усвојување и иновации.

Во анализата стои дека иновациската активност во Северна Македонија останува ниска. Од вкупните расходи на земјата за истражување и иновации стагнираа на 0,4 отсто од БДП во последните  години, а посебно загрижува трошењето на приватниот сектор за иновации, кое изнесува само 0,4 отсто од БДП во 2022, што е далеку под реперот на ЕУ од 1,5 отсто.

Деловното расположение за изгледите за дигитализација е посочено како релативно позитивно, односно триесет отсто од анкетираните ММП ја гледаат дигитализацијата како клучен двигател на идниот раст, 41 отсто сметаат дека влијанието ќе биде значајно, но не и централно, а 15 отсто веруваат дека деловното влијание на дигитализацијата ќе биде ограничено, додека, 10 проценти од испитаниците изразиле загриженост дека тоа ќе донесе значителни ризици и предизвици, најчесто наведувајќи го ризикот од раселување на вработените и неможноста да се остане конкурентен.