Мицотакис: Немаме индикации дека ситуацијата на Блискиот Исток влијае врз грчкиот туризам


Атина – Во моментов немаме никакви индикации дека актуелната ситуација ќе влијае врз нашиот туризам. Секако, мора постојано да бидеме во состојба на готовност, посочи премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис во интервјуто за весникот „Неос космос“ на грчката дијаспора во Австралија, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис потсети дека „Грција оди од рекорд до рекорд во туризмот“, но и дека успеале да ја продолжат туристичката сезона и да привлечат посетители од земји кои претходно не ја избирале Грција.

– Грција е безбедна земја, земја-членка на Европската унија. Можеби се наоѓаме во поширокиот географски регион и сме во близина на Блискиот Исток, но постојат и безбедносни растојанија, географски безбедносни растојанија од зоната на конфликт во Персискиот Залив. И секако, сметам дека во наредните месеци ќе постои целосна нормализација и во авионскиот сообраќај, објасни грчкиот премиер.

Во пресрет на Самитот на ЕУ, Мицотакис посочи дека дискусијата за тоа како самата Европа може да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана, за т.н. европска стратешка автономија „се враќа во преден план секогаш кога се соочуваме со големи геополитички случувања“, но дека сепак, во фокусот ќе биде „потребата од справување со оваа краткорочна енергетска криза“.

– Сепак, нашето внимание на следниот состанок на Европскиот совет ќе биде насочено кон прашањата за европската конкурентност. Последиците од кризата во Заливот веќе се видливи, што веројатно го забележувате и во Австралија. Веќе има пораст на цените на горивата и многу е важно, не само како земја, туку и како Европа, да ги изградиме оние „заштитни механизми“, за во време кога општествата веќе се под притисок, да не бидат оптоварени и од додатни поскапување, дали на електричната енергија, дали на горивата, рече Мицотакис.