Мицкоски веќе објави дека ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција ќе прават влада

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за нијанса ја намали реториката спрема Али Ахмети, но рече дека челникот на ДУИ праќал емисари кај него за да влегол во идната влада


Христијан Мицкоски

 

На десет дена од парламентарните избори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека новата влада ќе ја правеле неговата партија и коалицијата на албанската опозиција „Вреди“. Тој рече дека на тоа упатувале резултатите од првиот круг на претседателските избори. Во исто време Мицкоски нагласи дека очекува поддршка од лидерот на ЗНМА, Максим Димитриевски, за Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори.

Според него, формирањето на коалцијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе се направела затоа што така „народот кажа“.

„Треба да се почитува волјата на граѓаните. Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300.000 гласа. А Гордана Силјановска-Давкова и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари имаа близу 450.000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе“, рече Мицкоски во одговор при увидот на градежни активности во Општина Аеродром.

Мицкоски рече дека Али Ахмети испраќал емисари до него најавувајќи дека ДУИ сакала да влезе во идната влада. Тој ја намали за нијанса реториката спрема Ахмети, велејќи дека тој се опкружил со луѓе „кои и него го злоупотребуваат, за да прават, условно кажано, криминал и да ја ограбуваат Македонија“. Мицкоски додаде: „Жалам што Ахмети опкружувајќи се со овие луѓе наместо да заврши како политички пензионер и да биде идеолог тој ќе заврши како соучесник во криминалот на неговите блиски соработници кои набргу од денеска, македонската јавност, сите граѓани во Македонија без разлика на етничката припадност ќе бидат сведоци, а за што имаме голем број докази“.

Тој очекува поддршка за Силјановска-Давкова од ЗНАМ, но и од гласачите на сите кандидати кои не влегоа во вториот круг.

Од ЗНАМ и Димитриевски досега нема јавни назнаки дали би ги повикале нивните гласачи да гласаат за Силјановска-Давкова. Таквиот повик би бил ризичен потег за партијата, чии поддржувачи се главно разочарани сдсмовци, особено околу Преспанскиот договор и францускиот предлог.

Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, ги намали ваквите изјави на Мицкоски за веќе завршена работа пред да се одржат парламентарните избори. Денеска на новинарско прашање прес-конференција во Чаир рече дека услов за коалицирање со која било партија се прифаќање на уставните измени и спроведување на нивната предизборна кампања.

Меџити рече и дека според него мандатар на новата влада ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, а посочи и дека ДУИ сакале да бидат дел од таа власт, но „сите бегаат од нив“.

„Од ДУИ бега и ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ бега и Максим Димитриевски, не сака влада со нив, и екс-премиерот Ковачевски му е налутен на ДУИ оти некоректно играа и со него. По сѐ изгледа, ДУИ ќе остане во опозиција со Левица“, истакна Меџити.

На денешната објава на Мицкоски реагираше Алијансата за Албанците, велејќи дека албанската опозиција му била потчената и сервилна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Само за да му се допаднат на Мицкоски опозицијата е подготвена и да се откаже од уставните измени, обвинуваат од АА.

„Мицкоски денеска го потврди срамот на албанската опозиција, која е подготвена да направи секаков компромис со судбината на граѓаните, само за да му се допадне на Мицкоски. За да се постигне тоа, тие се откажаа и од условувањето за уставни измени, што значи откажување од членството на земјата во Европската Унија. Тие се подготвени да ја вратат државата во изолација само за да бидат сервилни на ВМРО и Мицкоски, а со ова ги потчинуваат Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и сите граѓани за нивните интереси“, објави во соопштение Алијансата за Албанците. (Н.В.)